Македонија прозиведува над 630.000 тони комунален отпад годишно, најголем дел завршува на депонии
Актуелно

Македонија прозиведува над 630.000 тони комунален отпад годишно, најголем дел завршува на депонии

30. 03. 2026.

На 30 март се одбележува Меѓународниот ден на нула отпад, иницијатива на ОН што годинава е посветена на намалување на фрлањето храна и борба против глобалната еколошка криза. Македонија годишно генерира над 630.000 тони комунален отпад, при што дури 99,8% завршува на депонии, што ја става земјата меѓу оние со најниска стапка на рециклирање во Европа.

На 30 март се одбележува Меѓународен ден на нула отпад, иницијатива предводена од Програма за животна средина на Обединетите нации и Програма за населени места на Обединетите нации. Целта на овој ден е да се истакне потребата од подобро управување со отпадот и промовирање одржливи модели на производство и потрошувачка, со цел справување со глобалната криза на загадување.

Милијарди тони отпад годишно

Според податоците на ОН, во светот годишно се создаваат меѓу 2,1 и 2,3 милијарди тони комунален отпад. Доколку не се преземат итни мерки, оваа бројка би можела да достигне 3,8 милијарди тони до 2050 година.

Отпадот претставува сериозна закана за јавното здравје и ја оптоварува глобалната економија со стотици милијарди долари годишно, додека истовремено ја влошува таканаречената „тројна планетарна криза“ – климатските промени, губењето на биодиверзитетот и загадувањето.

Податоците за Македонија покажуваат дека проблемот со отпадот останува сериозен. Според Државниот завод за статистика, во 2024 година во земјата се собрани околу 637.471 тони комунален отпад, што претставува зголемување од 2,5% во однос на претходната година.

Вкупно генерираниот отпад достигнал околу 790.866 тони, што значи дека значителен дел сè уште не влегува во систем на ефикасно управување.

Целосна зависност од депонии

Најзагрижувачки податок е дека околу 99,8% од собраниот отпад завршува на депонии, без значајна преработка или рециклирање. Според анализите на европски и национални институции, системот сè уште се карактеризира со ниска стапка на рециклирање, ограничено одвојување на отпад, доминација на депонирање како основен метод за третман.

Иако официјални целосни податоци за фрлање храна се ограничени, проценките покажуваат дека био-отпадот и храната сочинуваат значаен дел од комуналниот отпад.

Според регионални анализи, биолошкиот отпад може да учествува со над 40% од вкупниот отпад во урбаните средини, што го прави еден од клучните предизвици во транзицијата кон циркуларна економија.

Системски предизвици

Стручните анализи посочуваат дека Македонија се соочува со недоволна инфраструктура за рециклирање, нецелосна покриеност со организирано собирање отпад и ограничена примена на циркуларни политики.

Според Европската агенција за животна средина, земјата бележи раст на отпадот, додека рециклирањето останува на ниско ниво.

Во контекст на глобалната кампања за нула отпад, експертите нагласуваат дека транзицијата кон поодржлив систем ќе бара поголемо рециклирање, намалување на фрлање храна, инвестиции во модерна инфраструктура и промена на потрошувачките навики

Фокус 2026: фрлањето храна

Темата за 2026 година е фрлањето храна, еден од најголемите, но и најпревентабилни еколошки проблеми.

Во 2022 година биле фрлени околу 1 милијарда тони храна, што претставува речиси една петтина од целата храна достапна за потрошувачите.

Фрлената храна е одговорна за до 10% од глобалните емисии на стакленички гасови – речиси пет пати повеќе од емисиите на авио-секторот – како и за околу 14% од глобалните емисии на метан.

Од ОН нагласуваат дека решението бара заедничка акција на владите, бизнис секторот, академската заедница и граѓаните.

Во тој контекст, Програма за животна средина на Обединетите нации и Програма за населени места на Обединетите нации повикуваат на вклучување во национални и локални иницијативи за нула отпад, со фокус на превенција, ефикасно користење на ресурсите и премин кон циркуларна економија.

Целта е јасна: намалување на отпадот, заштита на планетата и премин кон поодржлива иднина.

Извор: trn.mk