Главната причина за ваквиот развој, според анализите, е силниот Ел Нињо – природен климатски феномен поврзан со затоплувањето на површинските води во тропскиот Тихи Океан. Иако не може директно да предвиди какво ќе биде времето во конкретен град, Ел Нињо има влијание врз движењето на воздушните струи, атмосферскиот притисок и патеките на циклоните.
Помалку снег во поголемиот дел од Европа
Според сезонската прогноза на ECMWF, најголем дел од Европа би можел да има послаба снежна сезона во споредба со повеќегодишниот просек.
Исклучок се северните и североисточните делови на континентот, како и високопланинските подрачја. Во останатиот дел од Европа би можел да преовладува потопол западен и југозападен воздушен тек од Атлантикот, кој носи повеќе влага, но и повисоки температури во пониските предели.
Според моделите, помалку снег би можело да има уште во декември, додека февруари би можел да биде месецот со најголемо отстапување од просекот во централна, западна и јужна Европа.
Алпите остануваат добра вест за скијачите
Иако низините би можеле да останат со помалку снежни врнежи, прогнозите се поповолни за високите планини.
На Алпите, особено на надморска височина над 1.800 до 2.000 метри, се очекуваат подобри услови за природен снег, што би можело да ја спаси зимската сезона на повисоките скијачки центри.
Во САД прогнозата е сосема поинаква
Додека Европа би можела да има поблага зима, прогнозите за Северна Америка покажуваат спротивен тренд.
Во централните, источните и делови од југозападните сојузни држави на САД се очекува поголема веројатност за снежни врнежи. Најизразениот потенцијал за снег таму се предвидува во јануари и февруари, додека декември би можел да биде нешто помирен.
Што значи ова за Македонија?
Метеоролозите нагласуваат дека станува збор за долгорочна сезонска прогноза, а не за точна прогноза за одделни денови.
Кога моделите покажуваат „снег под просекот“, тоа не значи дека зимата ќе помине без снег, туку дека вкупната количина снежни врнежи би можела да биде помала од вообичаената во споредба со повеќегодишниот просек. За конкретните временски услови во Македонија ќе бидат потребни пократкорочни прогнози како што ќе се приближува зимската сезона.
