Усвоен нов Закон за оружје – што се менува за граѓаните?
Актуелно

Усвоен нов Закон за оружје – што се менува за граѓаните?

29. 06. 2026.

Собранието го усвои новиот Закон за оружје кој предвидува поедноставени постапки и нови електронски услуги.

Собранието го усвои новиот Закон за оружје, со кој се воведуваат поедноставени административни постапки, се продолжуваат одредени законски рокови и се овозможуваат нови електронски услуги за граѓаните, информираа од МВР. 

Законот е дел од Реформската агенда на државата и има цел да ја модернизира постапката за набавка, поседување и евиденција на оружјето.

Со новите законски решенија се овозможува поднесување едно барање за набавка на повеќе парчиња оружје, се утврдува максимален број на оружје што може да се поседува со законски предвидени исклучоци, а се регулира и полнењето на муницијата согласно законските одредби.

Исто така, се воведува обврска за обезбедување соодветен простор за безбедно чување и сместување на оружјето, како и проширување на сокорисничкото право.

Една од позначајните измени е продолжувањето на рокот за набавка на оружје по основ на наследно решение од два на четири месеци. Дополнително, се предвидува едногодишен преоден рок за лицата кои не поднеле барање за оружје по основ на наследство, го пропуштиле законскиот рок или биле одбиени поради негово пропуштање, како и можност за легализација, пререгистрација или доброволно предавање на оружјето.

Законот предвидува и воведување нови електронски услуги со цел побрза и поефикасна комуникација на граѓаните со надлежните институции. 

Извор: skopjeinfo.mk