Додека во 2012 година биле издадени околу 1,6 милиони рецепти за лекови како дијазепам, хелекс и лексилиум, во 2024 таа бројка достигнала 2,4 милиони. Истовремено, вкупниот број на рецепти пораснал за над 43%, иако населението е намалено за повеќе од 9%.
Ова значи дека во просек се издаваат повеќе од еден рецепт за анксиолитици по жител годишно – бројка која реално може да е и повисока, ако се земе предвид приватната продажба и неформалната достапност на лековите.
Според психијатри, проблемот не е само во зголемената употреба, туку и во начинот на кој овие лекови се користат. Честа е појавата на долготрајна употреба, која лесно преминува во зависност – но без формална дијагноза. Станува збор за „тивка зависност“, каде пациентите функционираат нормално, но редовно земаат терапија.
Трендот на раст е видлив кај сите три најчести анксиолитици:
• Дијазепамот веќе со години се движи над 1 милион рецепти годишно
• Хелекс бележи постојан раст и достигнува рекордни над 670 илјади рецепти
• Лексилиум има помали осцилации, но стабилна висока употреба
Експертите посочуваат дека причините се повеќеслојни – од културолошки навики („земи дијазепам да се смириш“), до ограничен пристап до психотерапија и преоптоварен здравствен систем. Во такви услови, лековите често стануваат најбрзо и најлесно решение.
Иако анксиолитици се ефикасни во краткорочен третман, нивната долготрајна употреба носи ризици – зависност, толеранција, когнитивни проблеми и влошување на менталната состојба.
Како што посочуваат стручните лица, лековите не треба да се демонизираат, но не смеат да останат единствен одговор. Без развој на психолошка поддршка и поголема свесност кај граѓаните, трендот на „брзо решение во апче“ ќе продолжи да расте.
