Да се забрани точење нафта за возила со странски регистрации за да не останеме без резерви, велат експертите
Актуелно

Да се забрани точење нафта за возила со странски регистрации за да не останеме без резерви, велат експертите

3/17/2026

Растот на цените на енергенсите во последниот период силно ја погодува економијата и животниот стандард на граѓаните.

Кризата не се чувствува само во енергетскиот сектор, туку и во сите сегменти на секојдневното живеење – транспортот, трговијата, производството и услугите. Поради високите цени на бензинот и дизелот, многу граѓани се принудени помалку да ги користат своите автомобили и да бараат поевтини начини на превоз. Зголемувањето на цените на горивата исто така влијае и на поскапувањето на многу други производи и услуги, затоа се почесто се поставува прашањето за потребата од конкретни мерки со кои би се намалил притисокот врз економијата и би се запрел понатамошниот раст на цените.

Економскиот експерт Здравко Савески за „Локално“ вели дека потребата од преземање на мерки воопшто не е дискутабилна, туку прашањето е колку долго тие мерки може да ги зауздаат цените на горивата.

-Дефинитивно има простор за преземање на мерки, дали тоа ќе биде намалување на ДДВ, акциза или активирање на државните нафтени резерви. Сепак, со оглед на тоа дека кај нас нафтените деривати се поевтини од соседните земји може да се јави недостиг на нашите бензиски пумпи. Затоа државата треба да забрани точење на нафтени деривати на возила со странски регистарски таблички. Во спротивно ќе се доведеме до ситуација да немаме доволно нафта и ќе мора да ги активираме државните нафтени резерви, вели Савески.