Додека во поголемиот дел од светот изградбата на висококатници трае со години, кинеска компанија успеа да изгради зграда од 26 ката за само пет дена.
Станбениот комплекс „Jingdu Holon“ е изграден во кинескиот округ Сјангјин, а зад проектот стои компанијата Broad Group Holon, позната по ултрабрзата модуларна градба.
Изградбата траела од 7 до 11 јануари 2024 година, а за тоа време бил подигнат цел облакодер со површина од околу 14.000 квадратни метри и вкупно 208 станови.
Тајната на неверојатната брзина лежи во модуларната технологија. Наместо класична градба со бетон и цигли, целите станбени единици однапред се произведуваат во фабрика како готови челични модули.
Секој модул е долг 12 метри, висок 3 метри и широк 2,4 метри, а во него веќе се вградени електрични инсталации, климатизација и дел од ентериерот.
Кога модулите пристигнуваат на градилиштето, работниците со кранови ги поставуваат еден врз друг, слично како „lego“ коцки.
Во проектот учествувале околу 100 работници, кои ги поврзувале конструкцијата, струјата и водоводните системи. По завршувањето на монтажата, било потребно само приклучување на вода и електрична енергија за зградата да стане функционална.
Секој кат содржи осум станови од по 68 квадратни метри, а зградата располага и со четири лифтови.
Компанијата претходно привлече светско внимание кога во 2021 година изгради зграда од 11 ката за само 28 часа и 45 минути во градот Чангша.
Од Broad Group тврдат дека употребата на нерѓосувачки челик овозможува поголема отпорност на земјотреси, подобра изолација и значително помали трошоци за климатизација.
Според компанијата, ваквиот тип градба може целосно да ја промени иднината на градежната индустрија, каде наместо долгогодишни градилишта, облакодери би можеле да никнуваат за помалку од една работна недела.
