Поскапува сместувањето во студентските домови
Актуелно

Поскапува сместувањето во студентските домови

5/19/2026

Собранието по скратена постапка ги усвои измените на Законот за студентски стандард, со кои се воведуваат промени во финансирањето на студентското сместување и распределбата на државните стипендии.

Со новите законски решенија, студентските домови ќе бидат поделени во две категории:

  • Тип 1 – енергетски ефикасни и реконструирани домови
  • Тип 2 – постојни, односно нереновирани домови

Според измените, државата ќе покрива до 40% од трошоците за сместување и исхрана во домовите од Тип 1, додека за домовите од Тип 2 останува досегашното покривање до 50%.

Во пракса, ова значи дека цените во реновираните студентски домови може да бидат повисоки и ќе се формираат според реалните трошоци.

Промени има и кај распределбата на државните стипендии:

  • 40% од стипендиите ќе бидат наменети за студенти од социјални категории, како и студенти со ретки болести и попреченост
  • 35% за студиски програми од стратешки интерес
  • 25% за студенти со висок успех во учењето

Со законот се укинуваат и одредбите воведени за време на ковид-кризата, со што студентите кои нема да добијат место во студентски дом повеќе нема да имаат право на месечен надоместок за приватно сместување или меѓуградски превоз.

Во образложението на законот е наведено дека измените нема да имаат дополнителни финансиски импликации врз државниот буџет.

Извор: nezavisen.mk