Според податоците на Евростат, повеќе од 34 милиони жители на ЕУ трошат над 40% од расположливиот приход за домување. Просечната стапка на преоптовареност со овие трошоци во 2025 година изнесувала 7,7%.
Најтешка е состојбата во Грција, каде дури 26,4% од населението живее во домаќинства што над 40% од приходите ги издвојуваат за домување. Следуваат Данска со 14,7%, Германија со 11,2% и Шведска со 10,8%.
Од друга страна, најниска стапка има Кипар со само 2,4%, а меѓу земјите со помал товар се и Хрватска, Словенија и Словачка.
Особено загрижувачка е состојбата кај граѓаните со ниски примања. Во ЕУ, речиси 29,1% од луѓето изложени на ризик од сиромаштија трошат повеќе од 40% од приходите за домување. Во Грција овој удел достигнува дури 82,6%.
Експертите предупредуваат дека растот на цените на недвижностите, кириите, каматите и енергијата, кој е побрз од растот на приходите, дополнително го зголемува притисокот врз семејните буџети.
