Хамбург: Центарот за потрошувачи го прогласи алпското млечно чоколадо на Милка за „измама со амбалажа на 2025 година“, при што 66,7 проценти, или две третини, од гласачите гласаа „за“. Милка ја освои оваа „награда“ затоа што пакувањето беше намалено од 100 на 90 грама, дебелината на чоколадото беше намалена, а цената на чоколадото се зголеми за 48 проценти, или од 1,49 на 1,99 евра, објави Билд.
Хамбуршкиот центар го одржува ова гласање за најголема измама со пакување веќе 12 години, но, се вели, ниту еден производ досега не победил со толку голема разлика. Армин Валет од Агенцијата за заштита на потрошувачите во Хамбург рече дека многу луѓе го гледаат „суптилното“ намалување на количината на чоколадото Милка како очигледна измама и дека резултатот од гласањето е јасна и недвосмислена порака. Затоа Агенцијата поднесе тужба против компанијата до Регионалниот суд во Бремен.
