Во образложението на новиот предлог Закон за заштита од пушење се истакнува дека според податоци на Светската здравствена организација над 45% од возрасната популација во земјата пуши. Затоа нашите власти решаваат да го ограничат пристапот до цигарите, но воедно и до алтернативните никотински производи кои содржат никотин, но не и тутун.
Според предлог-законот кај нас „пушењето е поврзано со повеќе од една третина од сите случаи на карцином на белите дробови и значителен дел од кардиоваскуларните болести. Намалувањето на пушењето води кон помал број на боледувања, повисока работна ефикасност и подолг животен век на активното население – клучни фактори за економски раст“.
Во рамки на Европската Унија исто така значителен дел од смртните случаи се припишува како последица на употребата на цигари. Скоро една четвртина од Европејците, односно 24% се пушачи, покажаа податоците од последниот специјален Евробарометар 539 за ставовите на Европејците за тутунските и сродните производи.
„Користењето на тутун останува најголемиот ризик по здравјето што може да се избегне, во рамки на Европската Унија и придонесува за 700 000 смртни случаи секоја година. Околу 50% од пушачите умираат предвремено, што резултира со губење во просек на околу 14 години од животот на еден пушач. Користењето на тутун е водечка причина за рак што може да се спречи, при што 27% од сите видови на рак се припишуваат на употребата на тутун“, се наведува во специјалниот Евробарометар 539. Искуствата со законите за контрола на пушење ширум Европа варираат. Дел од земјите, како што е Естонија, се приклучија на рестриктивниот пристап кој го најавува Македонија. Друг дел, како што е Шведска, ја ограничи употребата на цигари, но овозможи широка достапност на алтернативните никотински производи, како што се несогорливиот тутун*, е-цигарите* и никотинските ќесички*, сметајќи дека на тој начин пушачите поефикасно се откажуваат од штетните цигари.
Во земјите од Унијата одамна се води и дебата за ефикасноста на стратегиите што секоја земја ги користи за да ја намали стапката на пушачи. Една од целите, на ЕУ е да се постигне „општество без чад“ до 2040 година, што предвидува помалку од 5% од населението да се активни пушачи. Согласно актуелната динамика на намалување на стапката на ниво на Унијата, целта би бил исполнета дури во 2100 година. Но, одредени држави ја постигнаа целта пред предвидениот рок. Таков пример е Шведска, која законски ја ограничи употребата на цигари паралелно овозможувајќи широк пристап до алтернативните никотински производи, како што се несогорливиот тутун*, електронските цигари* и никотинските ќесички*.

„Стратегијата за намалување на штетноста на тутунот во Шведска, која вклучува намалување на даноците на помалку штетните** алтернативи, а воедно и зголемување на даноците на цигарите, се покажа како многу ефикасна. Со тоа што ги направи овие алтернативи достапни и прифатливи Шведска ја исполнува својата цел за „земја без чад“. Спротивно на тоа, земји како Ирска и Холандија, кои воведоа забрани и ограничувања за овие производи, бележат минимален напредок или дури и стагнација“, се наведува во анализата „Missing the target“, посветена на резултатите од Евробарометарот 539, а изготвена од невладината организација Smoke Free Sweden.
Наспроти шведското искуство, властите во други земји-членки како што е Естонија, одлучија силно да ги регулираат алтернативните никотински производи, што доведе до повторно зголемување на бројот на активни пушачи.
„Строгите регулативи за алтернативните производи во Естонија, вклучително и забраните за вејп со вкусови, се совпаднаа со драматично зголемување на стапките на пушење. Од 2020 година, Естонија забележа неверојатен пораст од 40% на стапките на пушење, што е остар пресврт во однос на претходниот напредок. Естонија служи како јасен пример за несаканите последици од ваквите рестриктивни политики. Земјата ги забрани вкусовите за вејп освен оние на тутун и ментол, значително ограничувајќи ја привлечноста на вејпот како алтернатива на пушењето“, се потенцира во анализата анализата „Missing the target на Smoke Free Sweden.

Покрај Естонија, рестриктивниот пристап и законските ограничувања за пристапот до алтернативните никотински производи, не го даде посакуваниот резултат ниту во Ирска. „Стапката на пушење во Ирска останува трипати повисока од онаа во Шведска, со пад од само 2 процентни поени во последните години. Ирска зазеде тврд став против алтернативните производи со никотин, со планови за забрана на вејпови за еднократна употреба и ограничување на течностите за е-уредите, односно тие да немаат никаков вкус.
Неодамнешното воведување на акциза од 50 центи по милилитар течност за е-уред дополнително го одразува рестриктивниот пристап на Ирска“, се додава во текстот на Smoke Free Sweden. Незначителен пад на стапката на пушење регистрираат и Холандија и Данска кои претходно одлучија да воведат забрани налик на предложените кај нас.
„Холандија отпочна Национална стратегија за превенција во 2018 година со цел да биде без „земја без чад“ до 2040 година. Сепак, по првичниот успех, земјата направи мал напредок во намалувањето на стапката на пушење, со пад од само 1 процентен поен од 2020 година. Негативниот став на холандската влада за алтернативните никотински производи, вклучително и забраната за вкус во вејповите, веројатно придонесе за оваа стагнација. Данска, исто така, имаше цел да ја намали стапката на пушење на 5% до 2030 година, но напредокот е исто така бавен. Стапката на пушење се намали за само 2 процента од 2020 година, додека во меѓувреме беа усвоени строги закони за пристапот до никотинските ќесички и вејповите, вклучувајќи ги и забраните за вкусови, но и високите даноци, кои дополнително ја ограничија употребата на помалку штетните никотинските производи“, пишува во анализата „Missing the target”.
Од земјите од регионот вакво искуство имаше Словенија, каде стапката на пушење според Евробарометар 539 продолжува да биде висока - 24%.
„Словенија, која ја започна својата стратегија „Словенија без тутун“ 2020-2030, исто така постигна минимален напредок, при што стапката на пушење се намали за само три процентни поени за повеќе од една деценија, оставајќи ја преваленцата на пушење во земјата на 24%. Од април 2024 година, Словенија ги забрани сите вкусови во електронските цигари* и производите од несогорлив тутун“, се истакнува во „Missing the target“.
