Според предложените измени, локалните власти ќе можат да одлучуваат за забрана на продажба на алкохол во вечерните и ноќните часови во подрачја каде што има проблеми со бучава, вандализам и нарушување на јавниот ред, особено за време на туристичката сезона.
Ограничувањата нема да се однесуваат на угостителски објекти како кафулиња, ресторани и барови, туку на продажни места како продавници, киосци и liquor shop-ови.
Градот Сплит веќе најави дека планира да ја забрани продажбата на алкохол од 20 часот навечер до 6 часот наутро во продавници, киосци и специјализирани продавници за алкохол, веднаш штом законот стапи во сила.
Градоначалникот Томислав Шута порача дека градските служби, заедно со полицијата, ќе проценат во кои подрачја би важела забраната.
Поддршка за измените даде и градоначалникот на Задар, Шиме Ерлиќ, кој смета дека новите правила би можеле да помогнат во воведување ред за време на туристичката сезона на задарскиот Полуостров.
Тој нагласи дека забраната нема да се однесува на угостителските објекти, туку исклучиво на продажни места како киосци и продавници.
Од друга страна, не се сите градоначалници согласни со оваа идеја. Градоначалникот на Сињ, Миро Буљ, се противи на ограничувањата и смета дека на тој начин „се банализира проблемот“.
Во Пула и Шибеник, пак, порачуваат дека конечен став ќе заземат по усвојувањето на законските измени.
