Алкохол во студентска соба ќе значи забрана за дом до пет години
Актуелно

Алкохол во студентска соба ќе значи забрана за дом до пет години

10. 07. 2026.

Сместувањето во државните студентски домови би можело да стане недостапно до пет години за студентите кои ќе внесуваат или употребуваат алкохол во своите соби. Ова го предвидуваат измените на Законот за студентски стандард, кои се доставени во Собранието и носат построги правила за престој во домовите.

Според предлог-законот, за прекршување на куќниот ред ќе се изрекуваат воспитни мерки – од писмена опомена и опомена пред отстранување, до забрана за користење на услугите во студентските домови.

За полесни прекршоци ќе се сметаат непочитување на хигиената, пушење во забранети простории, пуштање гласна музика, неодговорен однос кон имотот и недолично однесување.

Како потешки прекршоци се наведуваат внесување и употреба на алкохол во собите, внесување наркотични средства, насилно и заканувачко однесување, вознемирување, дискриминација, непочитување на безбедносните правила, како и неплатена станарина.

За овие прекршувања може да биде изречена мерка забрана за користење на студентски дом во период од една до пет години.

Со предложените измени се воведува и максимална старосна граница од 30 години за стекнување право на сместување во државните студентски домови.

Извор: skopjeinfo.mk