Континуирано веќе неколку години по ред цената на становите расте, а новоградби има буквално на секое ќоше. Но, последните податоци на Државниот завод за статистика покажува дека е забележан пад од над 10 отсто на годишно ниво. Анализираниот период се однесува на месец февруари годинава споредено со вториот месец од 2025 година.
Официјалните податоци велат дека во февруари 2026 година се издадени 244 одобренија за градење, што е за 10.3 % помалку во однос на истиот месец од претходната година. Информациите од извешатјот покажуваат дека според издадените одобренија за градење, предвидената вредност на објектите изнесува 14 476 578 илјади денари, што е за 195.4 повеќе во однос на истиот месец од претходната година.
„Зголемената вредност се должи на фактот дека во референтниот период е издадено одобрение за градба на ветерен парк за производство на електрична енергија од обновливи извори со капацитет до 132 MW на територија на Општина Штип, Општина Радовиш и Општина Карбинци. Од вкупниот број издадени одобренија за градење, 173 (70.9 %) се наменети за објекти од високоградба, 25 (10.2 %) за објекти од нискоградба и 46 (18.9 %) за објекти за реконструкција. Од вкупно 244 објекти, на 174 (71.3 %) како инвеститори се јавуваат физички лица, а на 70 (28.7 %) објекти инвеститори се деловни субјекти. Во извештајниот период е предвидена изградба на 309 станови со вкупна корисна површина од 36 919 м2“, стои во извештајот на ДЗС.
Интересно е тоа што Полошкиот регион го надмина Скопскиот по однос на вкупните одобренија за градба, односно во Полошкиот регион се издадени 84, а во Скопскиот 57 одобренија за градба. Следуваат Југоисточниот со 33 одобренија, Источниот има добиено 21 одобрение, по 16 одобренија за градба се издадени од локалните самоуправи во Вардарскиот регион, Југозападниот регион и во Пелагонискиот регион. Со само една издадена дозвола за градба е Североисточниот регион.
Сепак, по вкупниот број на станови кои се предвидува да се изградат од овие издадени дозволи, повторно најмногу ќе има во Скопје, односно 138 нови станбени единици, а во Полог таа бројка изнесува 83.
