Меѓуградски воз на релација Прилеп–Битола–Жабени се очекува да почне да сообраќа најдоцна од јуни, најави министерот за транспорт и врски Александар Николоски. Новата железничка линија има за цел да ја олесни комуникацијата меѓу двата соседни града, особено во услови на отежнат патен сообраќај.
Според Николоски, моменталната состојба со патната инфраструктура претставува предизвик, имајќи предвид дека изградбата на нов автопат бара време и обемни градежни активности, додека постојниот пат има ограничен капацитет.
– Ние сме свесни дека во овој момент е отежната комуникацијата меѓу Прилеп и Битола, имајќи предвид дека за да се изгради нов автопат потребно е време и многу земјени активности. Во моментов се користи стариот пат кој е со помал проток – изјави Николоски.
Тој информираше дека во тек се координации со надлежните железнички претпријатија за воспоставување на новата линија.
– Работиме со Македонски железници – инфраструктура и Македонски железници – транспорт. Само што разговарав со директорот и очекуваме најдоцна во месец јуни да пуштиме меѓуградски воз кој ќе оперира на линија Прилеп – Битола – Жабени – рече министерот.
Николоски потенцираше дека линијата ќе биде особено корисна за граѓаните кои секојдневно патуваат, како и за вработените во индустриската зона Жабени.
– На тој начин ќе им овозможиме на оние кои имаат дневна потреба да патуваат меѓу овие два града, но и на оние што работат во индустриската зона Жабени, да користат превоз со кој ќе стигнуваат навреме и побрзо – додаде тој.
Дополнително, најавена е и промотивна цена на билетите, која треба да ја зголеми привлечноста на железничкиот превоз.
– Ќе одиме со промотивна цена од 150 денари за повратна карта. Тоа е убедливо најевтино нешто што може да се најде на пазарот, имајќи предвид дека некој повеќе би платил само за паркинг, да не зборуваме за бензин доколку користи автомобил – нагласи Николоски и очекува дека ќе се поттикне користењето на железничкиот транспорт и да се намали сообраќајниот притисок на патиштата во регионот.
