Анализите покажуваат дека и во 2026 година постојат повеќе региони во Грција каде може да се најде пристапен сместувачки капацитет и пониски трошоци за одмор.
Најблиските и најприфатливи дестинации се на почетокот на Халкидики. Местата како Неа Каликратија, Неа Флогита и Неа Мудања се меѓу најбараните, бидејќи се блиску до границата и нудат солидни услови по пониски цени во споредба со останатиот дел од полуостровот. Овие локации се погодни за семејства, со уредени плажи, шеталишта и добра понуда на ресторани и продавници.
Олимпската регија исто така останува една од најпопуларните за поевтин одмор. Паралија, Неи Пори, Олимпик Бич, Лептокарија и Платамон се добро познати меѓу туристите од регионот. Овде цените за сместување, храна и услуги се значително пониски отколку на островите, што ја прави оваа област идеална за оние со ограничен буџет.
Во Солунската регија, дестинации како Ставрос, Аспровалта и Неа Врасна се издвојуваат како одличен избор за економично летување. Иако морето не е толку атрактивно како на некои острови, широките плажи и ниските цени ги прават овие места привлечни за многу туристи.
Островот Тасос, иако важи за популарна дестинација, нуди и поевтини опции ако се изберат помалку туристички развиени места. Скала Калирихи, Скала Сотирос, Астрис и Кинира се меѓу локациите каде може да се најде поповолен сместувачки капацитет, додека Лименарија и Потос нудат поширок избор за различни буџети.
Пониски цени може да се најдат и на Јонскиот брег, како и на островот Лефкада, особено во места како Никијана, Лигија и Нидри, кои се поевтини од попознатите туристички центри.
Иако цените во Грција генерално растат, со внимателен избор на дестинација и сместување, и понатаму е можно да се организира пристапен летен одмор. Клучот е да се избегнуваат најпопуларните туристички точки и да се изберат помали, помалку комерцијализирани места кои нудат добар баланс меѓу цена и квалитет.
