Одлуката била донесена на вонреден состанок во Солун, свикан од заменик-министерот за внатрешни работи, надлежен за Македонија и Тракија, Константинос Гулекас. На состанокот присуствувале претставници на безбедносните служби, институциите и локалните власти.
Според грчкото Министерство за внатрешни работи, новите мерки предвидуваат зајакнување на информатичките системи за побрзи проверки, како и можност за поставување привремени технички решенија со цел да се олесни протокот на патници и автомобили.
Гулекас истакнал дека туристичкиот и трговскиот сообраќај кон Грција постојано се зголемува, но задолжителната биометриска проверка на секој патник дополнително ги успорува контролите на границите.
За денеска се најавени и специјални теренски инспекции на граничните премини Евзони кон Македонија и Кипи кон Турција, каде ќе се разгледуваат можности за итна примена на дополнителни мерки.
Во меѓувреме, грчкиот министер за заштита на граѓаните, Михалис Хрисохоидис, порача дека Грција мора целосно да ја почитува европската легислатива, но призна дека добил поплаки од Македонија и Србија поради проблемите што ги создава новиот систем.
Тој нагласи дека, покрај биометриската регистрација, сериозен проблем претставува и застарената инфраструктура на дел од граничните премини, што дополнително ги зголемува метежите во екот на туристичката сезона.
