Слободни работни места за 11 илјади невработени – се бараат хигиеничари, продавачи, возачи, келнери …
Актуелно

Слободни работни места за 11 илјади невработени – се бараат хигиеничари, продавачи, возачи, келнери …

31. 03. 2026.

КОЈ ВИКА ДЕКА НЕМА РАБОТА?

Во Агенцијата за вработување, во моментов, има отворени огласи преку кој македонските компании бараат кадри за ангажирање за околу 10.970 слободни места. Се бараат работници на производствени линии, хигиеничари, продавачи, административни службеници, оператори во кол-центри, општи работници, возачи на камион, обезбедувачи, келнери. Помала побарувачка има за фармацевтски техничари и магационери, шанкери, фармацевти и возачи на товарни возила, додека побарувачката за висококвалификуван кадар е ограничена.

Податоците само потврдуваат дека Скопје убедливо доминира со 7.666 слободни работни места, што е повеќе од десеткратно во однос на Битола со само 574, Куманово со 530 и Тетово со 383. Понатаму, следуваат Штип со 334, Охрид со 245 и Гостивар со 86, додека повеќе помали општини како Кратово (5), Демир Хисар (4) и Крушево (1) имаат речиси занемарлива понуда.

Најголемиот дел од побарувачката е концентриран во трговијата која учествува со 2.452 работни места, преработувачката индустрија со 1.938, административните и помошните услужни дејности со 1.586, угостителството со 1.071, а транспортот и складирањето со 980. Потоа следуваат градежништвото со 767 и стручните, научни и технички дејности со 527. Во образование има отворено огласи за само 18 слободни места, а во снабдување со електрична енергија се 6.

На врвот на најбараните занимања се работници на производствени линии со 827 слободни места, хигиеничари со 805, продавачи со 706 и административни службеници со 529. Следуваат оператори во кол-центри (403), општи работници (354) и возачи на камион (342), како и обезбедувачи (309) и келнери (300). Средно ниво на побарувачка има за фармацевтски техничари и магационери (по 214), шанкери (195), фармацевти (188) и возачи на товарни возила (186). Значително пониски бројки се забележуваат кај поквалификувани професии, како програмери со 93 слободни места и маркетинг агенти со 85.

И последните јавно објавени податоци на Државниот завод за статистика потврдуваат дека најмногу работници биле барани во услужните дејности и продажбата (2.387) во четврто тримесечје од 2025 година, додека пак, највисока стапка на слободни работни места од 2,64 % имало во фирми со 10 до 49 вработени.

Недостигот на квалификувана работна сила е еден од проблемите со кои се соочуваат странските инвеститори во земјава. Анкетата „Бизнис и инвестициски индикатор 2025“ покажува дека 89 % од странските инвеститори во Македонија се соочиле со проблем да најдат соодветна квалификувани работници, а 17 % веќе почнале да вработуваат странски работници, иако 90 % од компаниите ги зголемиле платите просечно за околу 10%.

Главната причина за недостигот на квалификувана работна сила, според Советот на странски инвеститори, е миграцијата, која не е карактеристична само во земјава, туку со неа се соочуваат и држави во Европа.

– Во Пелагонискиот Регион, во наредните пет години, бројот на луѓе меѓу 60 и 65 години е за нијанса поголем од бројот на луѓе кои се меѓу 24 и 29 години, односно бројот на луѓе кои ќе одат во пензија е поголем од бројот на оние што би барале работа. Во Европа е уште полошо. Ова е шокантен податок кој, според нас, треба да биде прва тема за размислување кај нашите фактори на одлучување – смета Георги Тренкоски од „Кромберг и Шуберт“.

Според студијата на најголемата инвестициска компанија во светот, „Блекрок“, занаетчиските професии, како што се електричари, водоинсталатери, инсталатери на лифтови и техничари за греење, вентилација и климатизација, денес се најдобриот избор за долгорочна сигурна кариера.

– Прво, тие се отпорни на вештачката интелигенција, т. е. припаѓаат на безвременски вештини, кои се неопходни во секое време. Вештачката интелигенција не може да се пресели во друга земја или да автоматизира физичка работа, како што е поставување цевки или инсталации – се нагласи во анализата.

Официјалната статистика на САД проектира дека бројот на работни места во „занаетчиските“ сектори ќе достигне над 5 % до 2034 година, додека националниот просек за сите занимања е 3,1 %. Побарувачката за електричари расте за дури 9,5 %, а за техничари за греење, вентилација и климатизација за 8,1 %.

– Она што треба да ги направи особено привлечни е тоа што тие обезбедуваат поголема заработка од просекот во САД – велат аналитичарите на „Блекрок“ и наведуваат дека водоинсталатерите заработуваат просечно 62.970 долари годишно, во споредба со националниот просек од 49.500 долари.

Аргументот во корист на занаетите е дека четиригодишните колеџи во САД се скапи и не гарантираат работа, додека занаетите нудат модел „учи и заработувај“ каде што младите луѓе добиваат плата додека студираат, избегнувајќи огромни студентски долгови.

Извор: vecer.press