Комуналните претпријатија во криза: Само 2% од вработените се млади
Актуелно

Комуналните претпријатија во криза: Само 2% од вработените се млади

24. 03. 2026.

Над 40% од кадарот е пред пензија, платите се ниски, а младите не сакаат да работат – кој ќе го одржува системот утре?

Недостатокот на работна сила во Македонија сериозно го погодува и секторот на комуналните претпријатија, каде што состојбата станува алармантна. Според најновите податоци, само 2% од вработените во општинските служби се млади лица.

Институционалниот консултант Јане Вртески предупредува дека ваквата старосна структура е ризик за одржување на системот.

„Анализите покажуваат дека само 2% од вработените во општинскиот сектор се млади, додека над 40% се веќе во пензија или пред пензионирање. Ова значи дека во блиска иднина може да се соочиме со сериозен недостаток на кадар за одржување на системот“, истакна Вртески во емисија на ТВ21.

Како главна причина за ваквата состојба се посочуваат ниските плати, кои ги оттурнуваат младите од овој сектор. Освен работници за терен, комуналните претпријатија сè потешко наоѓаат и квалификуван кадар, особено инженери.

Дополнителен проблем претставува и застарената механизација, која ја отежнува работата и ја намалува атрактивноста на овие работни позиции.

Недостатокот на работна сила не е изолиран случај – истиот тренд ги погодува и други клучни сектори во државата, како гастрономијата, градежништвото и занаетчиството.