Според наводите на организацијата, чоколадните табли на брендот „Милка“, со непроменет дизајн и амбалажа, станале полесни – од околу 100 на 90 грама, додека цената во малопродажбата истовремено пораснала од 1,49 на 1,99 евра, пренесе „Шпигел“.
Случајот го разгледува Регионалниот суд во Бремен, кој треба да донесе пресуда во спорот. За време на првичното рочиште, судот оцени дека случајот би можел да биде пример за измамничко пакување.
Хамбуршкиот центар за потрошувачи тврди дека станува збор за практика позната како „shrinkflation“ (шринкфлација), односно намалување на количината на производот со задржување на истата или повисока цена, што ги доведува потрошувачите во заблуда бидејќи визуелниот идентитет на производот останува непроменет.
Компанијата „Mondelez“ ги отфрла обвинувањата и наведува дека новата тежина е јасно назначена на пакувањето, како и дека потрошувачите се известени за промените преку официјалната интернет-страница и социјалните мрежи. Како причина, компанијата го наведува растот на трошоците во синџирот на снабдување, вклучувајќи го и поскапувањето на суровините.
Чоколадото во последните неколку години значително поскапе на европскиот пазар поради проблемите во производството на какао во Западна Африка, каде што неповолните временски услови и растителните болести ги намалија приносите.
Според податоците на статистичките институции, цената на чоколадото во просек е значително повисока отколку во 2020 година, што влијаеше и врз потрошувачките навики.
Извор:brif.mk
