Работниците наводно им раскажале на истражителите дека 25 дена не виделе дневна светлина, спиеле во истата индустриска хала во која се произведувале цигарите, а храната им била доставувана само навечер. Се претпоставува дека станува збор за државјани на Парагвај.
Запленета стока вредна милиони евра
Случајот бил откриен на 13 октомври, откако словенечките финансиски службеници запреле сомнителен камион. Истрагата ги одвела до целосно опремена фабрика за нелегално производство на цигари во индустриската зона Тримлини, во близина на граничниот премин Петишовци.
Според неофицијални процени на словенечките медиуми, вредноста на запленетата стока би можела да достигне 30 милиони евра, додека надлежните официјално потврдиле дека станува збор за стока вредна повеќе милиони евра.
Сомнежи за трговија со луѓе
Покрај нелегалното производство, истражителите проверуваат и сомнежи за присилна работа и трговија со луѓе. Во постапката за заштита на пронајдените работници се вклучени и невладини организации.
Случајот го презело словенечкото Национално истражно биро, под надзор на Специјализираното државно обвинителство. Истрагата продолжува на повеќе локации, а дополнителни информации се очекуваат од надлежните институции.
