Според изборот на хрватскиот портал „Аутонет“, меѓу најповолните модели се издвојуваат „Липмотор Т03“ и „Дачија Спринг“. Важно е да се напомене дека наведените цени се однесуваат на хрватскиот пазар, со вклучени попусти и субвенции, и не мора да важат во Македонија.
1. „Липмотор Т03“ – 10.190 евра
Најевтиниот модел во изборот е „Липмотор Т03“, кој чини 10.190 евра. Се произведува во Полска, има електромотор со моќност од 70 kW и максимална брзина од 130 km/h.
Според стандардот WLTP, автомобилот има деклариран досег до 265 километри, а багажникот располага со капацитет од 210 литри. Меѓу опремата се издвојува и панорамскиот покрив.
2. „Дачија Спринг“ – 11.490 евра
Вториот модел во изборот е „Дачија Спринг“, со цена од 11.490 евра по пресметаните попусти и субвенции.
Автомобилот има електромотор со моќност од 60 kW и батерија од 27,5 kWh, која овозможува деклариран досег до 250 километри. Багажникот има капацитет од 330 литри, а основното полнење со наизменична струја е со моќност од 6,6 kW.
3. „БИД Долфин Сурф“ – 11.784 евра
Основната верзија има батерија од 30 kWh, електромотор од 65 kW и досег до 220 километри. Достапни се и поскапи верзии со поголема батерија.
4. „Рено Твинго Е-Тек“ – 11.990 евра
Компактниот електричен модел користи батерија од 27,5 kWh и има деклариран досег до 261 километар, што го прави интересна опција за градско возење.
5. „Џили Е2“ – 13.194 евра
Најпространиот модел во изборот има багажник од 375 литри и батерија од 35,35 kWh, со деклариран досег до 252 километри.
Иако електричните автомобили сè уште не се достапни за секој буџет, ваквите модели покажуваат дека преминот кон електрична мобилност станува сè пореална опција. Сепак, пред купувањето, покрај цената, важно е да се земат предвид реалниот досег, времето на полнење и достапноста на полначи, како и трошоците за одржување.
