Париз особено се издвојува, со околу 20.000 нови работни места во областа на вештачката интелигенција создадени во периодот од 2023 до 2025 година. Со тоа француската престолнина ги надмина европските технолошки центри како Даблин, Минхен и Милано и се етаблира како едно од најважните жаришта за развој на AI технологии.
Експертите успехот на Франција го припишуваат на силниот истражувачки екосистем, престижните инженерски школи и брзорастечката стартап сцена, предводена од компанијата Mistral AI. Дополнителен поттик даваат и значајните јавни и приватни инвестиции во секторот. Француската влада уште во 2018 година ја започна националната стратегија за вештачка интелигенција, која подоцна беше дополнително зајакната преку стратешкиот план „Франција 2030“.
Инвестицискиот бран продолжува со рекордни вложувања. Меѓу најголемите проекти се најавените инвестиции од над 109 милијарди евра презентирани на самитот во Париз, вложувањето на јапонската SoftBank од 75 милијарди евра и проектот на Mistral AI и фондот MGX за изградба на огромен компјутерски кампус вреден 8,5 милијарди евра.
Освен Париз, и други француски градови бележат значителен напредок во AI секторот. Гренобл има најголема концентрација на експерти за вештачка интелигенција во земјата, благодарение на силната технолошка и електронска индустрија.
Во меѓувреме, Тулуз го бележи најбрзиот раст на огласи за работа во AI секторот во Европа. Во изминатата година бројот на понуди пораснал за 67 проценти, поттикнат од интеграцијата на вештачката интелигенција во воздухопловната, вселенската и одбранбената индустрија. Студијата на LinkedIn покажува и дека вештачката интелигенција засега не доведува до масовно укинување на работни места во Франција. Наместо тоа, AI технологиите главно се користат како алатка која го надополнува и унапредува човечкиот труд, а не како негова директна замена.
Извор:трн.мк
