Седум години „Мој ДДВ“, се покажа дека е добра мерка за сите, 220 милиони евра се вратија назад кон граѓаните
Актуелно

Седум години „Мој ДДВ“, се покажа дека е добра мерка за сите, 220 милиони евра се вратија назад кон граѓаните

03. 07. 2026.

Од почетокот на применување на мерката „Мој ДДВ“, во јули 2019 година, до крајот на 2025 година, назад кон граѓаните се вратени околу 220 милиони евра.

Само во првите 4 години со „Мој ДДВ“ над 120 милиони евра, а потоа, како што беше поставен системот и се зголемуваше основицата, уште околу 100 милиони се вратени во 2024 и 2025 година.

На сметките на граѓаните во 2025 година по основ на редовна и дополнителна исплата на средства преку „МојДДВ“, исплатени се вкупно 3.473.172.970 денари или 56,4 милиони евра.

Тоа се навистина многу пари кои се директно исплатени на сметките на граѓаните и вратени во семејните буџети. Освен дополнителниот приход за корисниците, оваа мерка има и позитивен ефект и во намалувањето на сивата економија и даночното затајување бидејќи се повеќе граѓани бараат фискални сметки.

Поранешната директорк на Управата за јавна приходи, во чиј мандат беше донесена мерката како одлука на тогашната Влада на Зоран Заев, по повод годишнината од воведувањето на Мој ДДВ, на социјалните мрежи напиша:

Седум години оваа мерка ги враќа парите кај граѓаните, ја подобрува фискалната дисциплина и ја намалува сивата економија. Едноставно, Мој ДДВ покажа дека е добра мерка за сите.

Всушност оваа мерка ја оствари и својата друга цел освен враќање на парите кај граѓаните. Токму граѓаните помагаат за намалување на неформалната економија со барање на фискални сметки.

„Зборот е збор, и зборот важи. Ги враќаме парите кај граѓаните и кај компаниите и продолжуваме во таа насока“, рече поранешниот премиер Зоран Заев на презентацијата на проектот пред четири години најавуваќи дека повратот на ДДВ ќе биде достапен за сите граѓани кои имаат наполнети 15 години, кои се регистрирани или ќе се регистрираат на системот на УЈП и кои ја преземаат одговорноста редовно да си ги земаат фискалните сметки на продажните места, а потоа и да ги скенираат преку мобилен телефон

Тогашните очекувања беа дека ќе бидат враќани околу 50 милиони евра годишно и дека 98% од домаќинствата ќе можат да направат поврат на ДДВ на нивната вкупна потрошувачка.

Овие проценки се покажаа како точни, а поранешниот министер за финасии Драган Тевдовски, кога мерката беше донсена, рече оваа придобивка е обезбедена за сите граѓани, и дека заради правичност, за да не се случи повратот да оди главно кај најбогатите граѓани, поставени се лимити кои оневозможуваат поврат на дел од ДДВ-то од сметка над 30.000 денари.

Мерката беше прва од ваков вид на Балканот како реформа и според начинот на кој се реализира.

Извор: racin.mk