Од Министерството за внатрешни работи информираат дека контролите ќе се вршат со непосредно присуство на полициски службеници и со технички средства, а доколку прекршок направи малолетник, ќе се постапува согласно Законот за правда за деца и останатите важечки прописи.
Со измените на Законот за безбедност на сообраќајот, максималната дозволена брзина на електричните тротинети се намалува од 25 на 20 километри на час, а на малолетниците целосно им се забранува управување со овој вид превозно средство. Забрането е и превезување второ лице, како и секое небезбедно управување што може да ги загрози останатите учесници во сообраќајот.
За прекршителите се предвидени повисоки казни, кои зависно од прекршокот може да достигнат до 275 евра, а во одредени случаи е можно и одземање на тротинетот. Тоа важи, меѓу другото, за возење од страна на малолетник, надминување на дозволената брзина, превезување две лица или управување под дејство на алкохол.
Новите правила предвидуваат и обврска возачите да управуваат без ризично однесување, односно да не ги тргаат рацете од управувачот, да не се придржуваат за други возила, да не возат на едно тркало и да не влечат или туркаат предмети додека се движат.
