Листа на најслабо платени работи во Германија: Платите ги изненадуваат и самите Германци
Актуелно

Листа на најслабо платени работи во Германија: Платите ги изненадуваат и самите Германци

01. 04. 2026.

Во време кога трошоците за живот постојано растат, сè поголем број луѓе се соочуваат со парадокс – занимања што се клучни за функционирањето на општеството остануваат ниско платени. Ваквата состојба е особено изразена во Германија.

Според податоци објавени од германскиот портал „wmn.de“, меѓу најслабо платените професии се работните места во чистење, земјоделство, угостителство и туризам, како и во текстилната индустрија и производството на храна.

На дното на листата се наоѓаат работниците за чистење, со просечна бруто плата од околу 2.493 евра месечно за полно работно време. Следуваат земјоделските работници со околу 2.531 евра, додека вработените во туризмот и угостителството во просек заработуваат околу 2.634 евра.

Меѓу ниско платените се и професиите во хортикултурата, текстилната и кожарската индустрија, како и работниците во прехранбеното производство. На листата се наоѓаат и продавачи, работници во завршни градежни работи, како и оние во обработка на пластика и дрво. Возачите се на врвот од оваа група со просечна плата од околу 2.999 евра месечно, што сепак се смета за релативно ниско ниво за германски стандарди.

Експертите посочуваат дека причините за ваквите разлики се сложени. Иако овие занимања се неопходни, тие често се потценети на пазарот на труд и не носат соодветна финансиска надокнада.

Како можни решенија се споменуваат зголемување на минималната саатница, која во моментов изнесува 12,41 евро, како и воведување безусловен основен доход што би обезбедил финансиска сигурност за сите граѓани.

Сепак, аналитичарите нагласуваат дека клучниот проблем е сè помалата застапеност на колективните договори – моментално само околу 43 проценти од вработените во Германија работат под такви услови, а тој процент продолжува да опаѓа.

Поради тоа, како пореално решение се предлага воведување минимални плати по сектори, што би овозможило поправедни услови на пазарот на труд.

Воедно, се укажува и на проблемот што дел од компаниите опстојуваат благодарение на ниските плати и државните субвенции, што во пракса значи дека даночните обврзници индиректно ја покриваат разликата.

Без системски реформи и појасни правила, предупредуваат експертите, тешко е да се очекува одржлив и праведен модел на пазарот на труд.

Извор: faktor.mk