Еврокомесарот за енергетика Дан Јоргенсен изјави дека кризата нема да биде краткотрајна и дека „враќање во нормала нема да има во блиска иднина“.
- Не треба да имаме илузии дека оваа криза брзо ќе заврши – нема. Дури и ако утре има мир, последиците ќе останат – истакна Јоргенсен.
Според податоците, цената на гасот во ЕУ пораснала за околу 70 проценти, а нафтата за 60 проценти, при што само за еден месец Унијата потрошила дополнителни 14 милијарди евра за увоз на енергенси.
Во обид да се ублажи ударот, Европската комисија подготвува пакет мерки кои ќе вклучуваат:
- намалување на даноците за електрична енергија
- пониски тарифи за преносните мрежи
- поддршка за граѓаните и компаниите
Паралелно, граѓаните се повикуваат да штедат енергија преку конкретни чекори:
- работа од дома каде што е можно
- намалување на патувањата
- користење јавен превоз
- споделување превоз
- пониски брзини на автопатите
Целта е да се намали потрошувачката на гориво, особено дизел и авионско гориво, кои се најпогодени од кризата.
Јоргенсен нагласи дека оваа ситуација уште еднаш ја открива зависноста на Европа од увоз на фосилни горива и потребата од забрзување на инвестициите во обновливи извори на енергија.
- Енергетската независност не е само климатско прашање, туку и економска и безбедносна неопходност – порача тој.
И покрај сериозноста на ситуацијата, министрите за енергетика на земјите членки засега не донесоа конкретни одлуки, но се очекува Европската комисија наскоро да предложи заеднички мерки за справување со кризата.
Експертите предупредуваат дека ова може да биде една од најголемите енергетски кризи во модерната историја, со последици споредливи со нафтениот шок од 1970-тите и пандемијата на коронавирусот.
Извор:faktor.mk
