Цените на средствата на берзите во голема мера зависат од емоциите на инвеститорите. Во добри времиња доминира еуфорија, се преценуваат компаниите и се потценува ризикот. Но, кога ќе се појават сигнали за криза, еуфоријата брзо преминува во паника, што доведува до остри падови на цените – нешто што моментално се случува на глобалните пазари поради конфликтите на Блискиот Исток.
Во вакви услови, експертите препорачуваат дисциплина и долгорочен пристап.
Прво правило е да не се паничи. Падовите се нормален дел од пазарниот циклус, а историјата покажува дека секоја голема криза – од финансиската криза во 2008 година до пандемијата – на крај завршила со опоравување.
Второ, инвеститорите треба да се држат до својот долгорочен план. Краткорочните турбуленции не треба да ја менуваат стратегијата, освен ако не се променат личните финансиски цели.
Една од најважните стратегии е редовно инвестирање, со што се намалува просечната влезна цена и се зголемува потенцијалниот принос. Истовремено, експертите предупредуваат дека е речиси невозможно да се „погоди“ најниската точка на пазарот.
Диверзификацијата останува клучна заштита – распределба на инвестициите во различни сектори, региони и типови средства, како акции, обврзници и злато, може значително да го намали ризикот.
Препорачливо е и дел од средствата да се чуваат во готовина, за да се искористат поволни прилики кога тие ќе се појават.
Дополнително, инвеститорите треба редовно да го ребалансираат портфолиото, да се фокусираат на квалитетни компании со стабилни финансии и да избегнуваат прекумерно ризични потези во обид да ги надоместат загубите.
На крај, експертите советуваат да се ограничи изложеноста на дневни вести и краткорочни осцилации, бидејќи тие често водат до емоционални и погрешни одлуки.
Иако теоретски повеќето инвеститори знаат дека треба да купуваат кога цените се ниски, во пракса токму тогаш е најтешко да се остане смирен. Разликата меѓу успешните и неуспешните инвеститори најчесто не е во знаењето, туку во дисциплината и однесувањето во време на криза.
Извор:faktor.mk
