УЈП најави засилени контроли: Над 6.400 фирми работат без фискални апарати
Актуелно

УЈП најави засилени контроли: Над 6.400 фирми работат без фискални апарати

29. 03. 2026.

Управата за јавни приходи (УЈП) најави засилени контроли насочени кон сузбивање на неформалната економија, со фокус на субјекти кои вршат дејност и остваруваат промет без регистриран фискален систем.

Според податоците на УЈП, дури 6.451 деловно активен даночен обврзник, со вработени лица, нема регистрирано фискален апарат за евидентирање на готовински плаќања. Станува збор за компании од дејности како трговија, угостителство, сметководствени услуги и туристички агенции.

Дополнително, од нив 3.115 субјекти се регистрирани и за ДДВ, што, според УЈП, укажува дека вршат редовна деловна активност, но без соодветно евидентирање на прометот.

Контролите во првата фаза ќе бидат насочени токму кон овие субјекти, со цел нивно итно усогласување со законските обврски.

Од Управата информираат дека се идентификувани и дополнителни 13.966 даночни обврзници без фискални уреди, за кои ќе се спроведат теренски проверки и вкрстување на податоци.

„Доколку се утврди дека субјектите вршат дејност без да го пријавуваат прометот и без да плаќаат даноци, покрај прекршочни, ќе бидат покренати и кривични постапки“, соопштуваат од УЈП.

Според законските одредби, секој субјект кој врши промет со готовинско плаќање е должен да користи фискален апарат, да го регистрира во УЈП и да издава фискална сметка за секоја трансакција.

Непочитувањето на овие обврски повлекува санкции, вклучително и парични глоби и запечатување на објектите.

Од УЈП ги повикуваат сите даночни обврзници кои немаат воведено фискален систем да се усогласат со законските обврски во најкраток рок.

„Борбата против сивата економија останува приоритет, а контролите имаат за цел создавање ред во економијата и заштита на легалниот бизнис“, наведуваат од Управата.

Извор: skopjeinfo.mk