Имено, исто така од 1 април, станарите, останатите физички лица и фирмите ќе можат слободно да паркираат само во зоната за која ја имаат извадено дозволата. Иако информативните табли беа поставени уште од септември минатата година, од 1 април конечно се активира новата зона за паркирање во населбата Реонски Центар во Аеродром, информираше вчера градоначалникот на Скопје Орце Ѓорѓиевски.
Како што соопшти тој, станарите од населбата ќе добијат можност за две бесплатни дозволи за возила во новата зона „Д12“, која ќе опфати вкупно 1302 паркинг места, со 32 места наменети за лицата со попреченост.
-Денес го означивме почетокот на нов, современ начин на користење на услугите, како и стартот на новата зона Д12, лоцирана во Реонскиот центар во Општина Аеродром. Станува збор за простор кој се уредуваше во повеќе фази, поради неговата големина и значење. По добивањето на сообраќајното решение, пристапивме кон целосно уредување на јавната површина со поставување на вертикална и хоризонтална сигнализација, со што во функција се ставаат 1302 паркинг места, дополнети со 32 наменети за лица со попреченост, односно вкупно 1334 уредени паркинг позиции. Зоната ги опфаќа улиците 1612 и 1613, односно целиот Реонски центар- изјави Ѓорѓиевски.

Нови правила за паркирање
Промени се најавени и за во останатите зони за паркирање на „Градски паркинг“. Имено, исто така од 1 април, станарите, останатите физички лица и фирмите ќе можат слободно да паркираат само во зоната за која ја имаат извадено дозволата.
-Од 1 април, сите станари, како и физичките и правните лица со издадена дозвола, ќе можат да паркираат исклучиво во зоната за која ја поседуваат дозволата. Станарите добиваат можност за две бесплатни дозволи за станарски возила, а право на паркирање ќе имаат и вработените во правни субјекти кои гравитираат на зоната, како и останатите заинтересирани корисници. За останатите, цената ќе изнесува 25 денари за час- информира градоначалникот на Скопје.
За заинтересираните граѓани, канцеларијата за аплицирање се наоѓа во зградата на Рударски институт на булеварот ,,Јане Сандански” бр.113.
Зонско ќе има и во Ново Лисиче
Од Општината најавуваат дека системот постепено ќе се проширува, а во наредниот период се очекува ваков режим да биде воведен и во Ново Лисиче, за каде Ѓорѓиевски најави дека таа зона предвидува 2719 паркинг места.
-Дополнително, во тек е подготовка на нова зона за паркирање во Ново Лисиче, каде што веќе се поставува соодветна хоризонтална и вертикална сигнализација и дополнително ќе се пристапи кон поставување на информативни табли за зонско паркирање, која ќе овозможи 2719 места- изјави градоначалникот.
