Летните горештини ги зафатија регионот, па затоа е особено важно да бидете внимателни кога тргнувате на пат со автомобил. Покрај редовното одржување, кое е клучно за долг век на моторот, по секое поинтензивно возење на високи летни температури треба да му дозволите на моторот да се олади. На тој начин ќе избегнете скапи поправки и ќе ги заштитите деловите на моторот.
Повеќето модерни автомобили, произведени во последните 15-ина години, се опремени со турбополнач. Оваа компонента ја подобрува работата на моторот, му обезбедува поголема моќност, но работи на исклучително високи температури, особено во лето кога надворешната температура се приближува до 40 степени.
Како да го оладите моторот во лето по возење?
За да го оладите моторот по поинтензивно возење, не го гасете автомобилот веднаш откако ќе застанете и ќе паркирате. Под поинтензивно возење се подразбира возење по автопат или магистрален пат, но турбополначот може значително да се загрее и при градско возење со повисоки вртежи на моторот.
Турбополначот има ротор што може да се врти и до 200.000 вртежи во минута, а температурата достигнува неколку стотици степени. За негово правилно функционирање е неопходно квалитетно и свежо моторно масло, па затоа не треба да го прескокнувате редовниот мал сервис, кој се препорачува на секои околу 10.000 изминати километри.
Доколку веднаш го изгасите моторот по интензивно возење, дотокот на масло до турбината престанува, а таа сè уште продолжува да се врти по инерција. Маслото што останало во неа се задржува, температурата нагло се зголемува наместо да се намалува, што може да доведе до согорување на маслото, забрзано абење на компонентите и создавање наслаги што ја затнуваат внатрешноста на турбината. Тоа на долг рок може да предизвика проблеми со перформансите и моќноста на моторот.
За да го избегнете ова, по возењето потребно е да му дозволите на моторот да се олади. Тоа е многу едноставно – оставете го автомобилот да работи во лер најмалку една минута.
Откако ќе паркирате, оставете моторот кратко да работи во место. Во меѓувреме можете да се истегнете ако сте возеле долго, да ги извадите работите од багажникот, да го проверите телефонот или да ги соберете личните работи. За тоа време турбината ќе се олади, а во повеќето случаи една минута е доволна за да се намали температурата на моторот и турбополначот, со што значително ќе го продолжите нивниот работен век.
