На улица пронашол слика вредна 150.000 евра: Не знаел што држи во рацете, туку му се допаднала рамката!
Актуелно

На улица пронашол слика вредна 150.000 евра: Не знаел што држи во рацете, туку му се допаднала рамката!

04. 07. 2026.

Шпанецот Андрес Уртадо пронашол слика оставена на улица и ја зел бидејќи му се допаднала нејзината рамка. Подоцна се испоставило дека станува збор за исклучително вредно уметничко дело, пишува „Гардијан“.

Мистеријата околу сликата на познатиот шпански уметник Хоакин Сорола, која исчезнала за време на викендот, била решена откако Уртадо ја повикал полицијата.

Заборавена на улица

Она што Уртадо не го знаел кога наишол на делото е дека станува збор за слика од Сорола, познат шпански сликар од крајот на 19 и почетокот на 20 век. Исто така, не знаел дека сликата со години била во сопственост на едно семејство кое имало навика да ја носи со себе на одмор.

Семејството планирало да ја стави сликата во багажникот на автомобилот пред да тргне на пат, но случајно ја оставиле потпрена на ѕид и заминале.

Кога сфатиле што се случило, сликата веќе ја немало. Иако поставиле плакати со кои барале информации за пронаоѓање на „слика со голема сентиментална вредност“, без да го споменат името на Сорола или нејзината вредност, не добиле никаква трага.

Подоцна се покажало дека Уртадо, кој живее во Мурсија, ја пронашол сликата додека бил на викенд во Севилја со своето семејство и претпоставил дека некој ја фрлил.

„Ја земавме поради рамката, а не поради сликата“, изјавил тој за Радио Севилја.

„Веднаш ја повикав полицијата“

Откако ја однел сликата во Мурсија, почнал да ја истражува со помош на вештачка интелигенција и дознал дека авторот би можел да биде Сорола.

Потоа контактирал аукциска куќа во Мадрид и им испратил фотографии од сликата. Набргу добил одговор дека станува збор за оригинално дело на Сорола.

Неговото „дружење“ со сликата, чија вредност се проценува на околу 150.000 евра, траело кратко. Кога дознал за веста дека е изгубена слика за која се тврдело дека е украдена, веднаш сфатил што треба да направи.

„Веднаш ја повикав полицијата и им кажав дека веста не е точна“, раскажал Уртадо.

Тој им објаснил дека не ја украл сликата, туку едноставно ја зел од улица, мислејќи дека некој ја фрлил.

Полицијата потоа ја вратила сликата на семејството од Севилја, кое му ветило на Уртадо „мал подарок“ како знак на благодарност.

„Проблем при транспортот“

Како што потсетува „Гардијан“, ова не е првпат во последните неколку месеци вредно шпанско уметничко дело да има проблеми при транспорт.

Во октомври минатата година, полицијата започнала потрага по мала слика – мртва природа од Пабло Пикасо, вредна околу 600.000 евра, откако исчезнала додека се транспортирала од Мадрид кон изложба во Гранада.

Сликата била пронајдена три недели подоцна, кога полицијата открила дека никогаш не го напуштила Мадрид. Случајно ја зел еден сосед на сопственикот, мислејќи дека станува збор за заборавена пратка, па ја однел кај себе за да ја зачува.