Младите развијаа платформа со која скопјани ќе можат да пријавуваат еколошки проблеми
Актуелно

Младите развијаа платформа со која скопјани ќе можат да пријавуваат еколошки проблеми

20. 10. 2026.

Во Скопје денеска ќе биде промовирана „ЕкоСкопје“, нова дигитална платформа преку која граѓаните ќе можат полесно да пријавуваат еколошки проблеми во градот.

Платформата е развиена од млади во рамки на проектот „SkopYEAH!“, со цел да придонесе за почиста и поздрава животна средина.

Проектот го спроведува Здружението „Лидери за едукација, активизам и развој“ (ЛЕАД), во соработка со Град Скопје и со финансиска поддршка од Европската Унија.

На промоцијата се најавени обраќања на градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, претставникот на Европската комисија, Евоут Сендкер, и извршниот директор на ЛЕАД, Иван Јованов.

Со оваа иницијатива, младите нудат дигитално решение што треба да им го олесни на граѓаните пријавувањето на еколошките проблеми и да придонесе за нивно поефикасно решавање.

Колку платформата ќе придонесе за почисто Скопје ќе зависи и од тоа колку брзо пријавените проблеми ќе добиваат конкретен одговор и решение.