Денес почнува исплатата: повисока минимална плата и зголемени пензии за граѓаните
Актуелно

Денес почнува исплатата: повисока минимална плата и зголемени пензии за граѓаните

01. 04. 2026.

Од денес (1 април) започнува исплатата на новата минимална плата, која за март изнесува 26.046 денари, како и исплатата на пензиите зголемени за дополнителни 1.000 денари.

Со најновото усогласување, минималната нето плата бележи раст од околу 1.667 денари во споредба со претходниот износ. Ова зголемување е резултат на законската методологија, која ги комбинира растот на просечната плата и трошоците за живот во изминатата година.

Паралелно, пензионерите ќе ја добијат мартовската пензија со линеарно зголемување од 1.000 денари, што важи за сите категории на пензии. Оваа мерка е дел од континуираниот процес на усогласување на пензискиот систем.

Според изјавите од Министерството за економија, пресметките за зголемувањето се базираат на економските показатели за 2025 година, при што растот на просечната бруто плата изнесувал 9,6%, а инфлацијата 4,1%. Овие параметри директно влијаеле врз новата висина на минималната плата.

Сепак, и покрај зголемувањата, синдикатите остануваат на ставот дека тие не се доволни за да го следат растот на трошоците за живот. Според нив, вредноста на минималната потрошувачка кошница продолжува да расте, па барањата и натаму се насочени кон минимална плата од околу 600 евра.

Експертите посочуваат дека зголемувањето на платите има индиректно влијание и врз пензиите, кои се усогласуваат според т.н. „швајцарска формула“ – механизам што ги зема предвид и инфлацијата и растот на платите.

Иако Владата смета дека станува збор за чекор напред во подобрување на животниот стандард, дел од јавноста и експертската фела предупредуваат дека ефектите од овие мерки може брзо да се намалат под притисок на растечките цени. Дебатата за висината на платите и пензиите, како и за дополнителни корекции, се очекува да продолжи и во наредниот период.

Извор: slobodenpecat.mk