Според податоците од државниот портал за квалитет на воздухот, на 10 ноември во 18 часот во Миладиновци биле измерени 73,4 микрограми ПМ10 честички на кубен метар. Во Лисиче вредноста изнесувала 34,46, во Центар 32,59, а во Карпош 25,76 микрограми.
Загрижувачки се и податоците од претходните денови. Дневната дозволена граница од 50 микрограми била надмината во Кичево, Тетово, Струмица, Лисиче и Кавадарци.
Минатогодишните податоци покажуваат колку е сериозен проблемот. Лисиче имало 104 дена со надминување на дневната граница за ПМ10, Центар 101, а Струмица дури 108 дена. Дозволениот максимум е 35 дена годишно.
Проблемот не е само во ПМ10 честичките. Годишните концентрации на поситните ПМ2,5 честички во дел од скопските населби биле повеќе од петпати повисоки од здравствената препорака на Светската здравствена организација.
Европската комисија во извештајот за 2026 година предупредува на сериозни слабости во контролата на загадувањето. Меѓу проблемите се недоволно функционалната мерна мрежа, недостигот од квалификуван кадар и недоволното спроведување на контролите врз индустриските емисии.
Во меѓувреме, институциите најавуваат нови планови за намалување на загадувањето, вклучувајќи проширување на топлификацијата, замена на печките на дрва, топлински пумпи и набавка на 100 електрични автобуси во Скопје.
Сепак, голем дел од мерките се планирани за периодот од 2027 до 2031 година. Тоа значи дека граѓаните и оваа зима ќе се соочуваат со добро познатиот проблем, додека конкретните резултати од најавените решенија допрва треба да се видат.
