Граѓаните се жалат на нередовно читање на водомерите и високи сметки
Актуелно

Граѓаните се жалат на нередовно читање на водомерите и високи сметки

08. 08. 2026.

Сѐ повеќе граѓани се жалат дека поради нередовно читање на водомерите добиваат паушални и погрешно пресметани сметки за вода, а решавањето на проблемите трае со месеци.

Еден од нив е скопјанецот Љупчо Велковски, кој за „ВЕЧЕР“ тврди дека наместо вообичаена сметка од околу 1.500 денари, во 2024 година добил фактура од 10.700 денари за повеќе од 360 кубни метри вода. Тој веднаш поднел приговор, а од ЈП „Водовод и канализација“ по увидот, според неговите тврдења, било потврдено дека станува збор за грешка.

Сепак, случајот не бил затворен. Во јануари годинава добил известување дека е тужен за истиот износ, кој со камати во меѓувреме пораснал на повеќе од 18.000 денари.

Велковски вели дека повторно поднесувал приговори и дека водомерот бил проверуван, но тужбата сѐ уште не е повлечена, а одговор на последниот приговор, поднесен пред околу еден месец, сѐ уште нема.

Според него, и други граѓани се соочуваат со сличен проблем. Тие велат дека водомерите не се читаат редовно, па сметките се изготвуваат паушално, што подоцна може да доведе до големи разлики, камати и дополнителни трошоци.

Граѓаните бараат поредовно читање на водомерите и побрзо решавање на приговорите, за да не ги плаќаат последиците од административни или технички грешки.