СЕ МЕНУВА ПАЗАРОТ НА НЕДВИЖНОСТИ Ова е имотот што Македонците сè почесто го бараат
Актуелно

СЕ МЕНУВА ПАЗАРОТ НА НЕДВИЖНОСТИ Ова е имотот што Македонците сè почесто го бараат

08. 08. 2026.

Продажбите растат, а купувачите наместо престиж и голема квадратура бараат пониски трошоци, лесно издавање и сигурна инвестиција.

Пазарот на недвижности во Македонија се менува и купувачите сè повеќе ги пресметуваат трошоците и наместо големи станови, се одлучуваат за помали станови, градежни плацови и монтажни куќи.

Најголем интерес има за гарсониери и двособни станови од 35 до 60 квадратни метри, особено во Аеродром, Карпош, Центар, Кисела Вода и Гази Баба. Од агенциите велат дека малите станови полесно се финансираат, а подоцна и полесно се издаваат или продаваат.

Расте и интересот за плацови во приградските населби како Пинтија, Сопиште, Зелениково, Илинден и Петровец, каде купувачите сакаат да изградат куќа со двор. Сè почесто изборот паѓа на монтажни куќи поради пократкиот рок на изградба и попредвидливите трошоци.

Трендот го потврдуваат и податоците од Катастарот. Во вториот квартал биле регистрирани 8.369 трансакции, од кои 6.221 купопродажби и 2.148 закупи. Продажбите пораснале за 20,2 отсто, додека закупите се намалиле за 16,8 отсто.

Особено расте продажбата на новоградбите – реализирани се 977 продажби од инвеститори, што е за 31,8 отсто повеќе од претходниот квартал.

Скопје останува најактивен пазар, со најмногу трансакции во Аеродром, Центар, Карпош и Гази Баба. Центар е и најскапата општина, со просечна цена од 119.914 денари за квадрат кај староградбата и 117.657 денари кај новоградбата.

Податоците покажуваат дека купувачите сè помалку бараат имот за престиж, а сè повеќе недвижност што е финансиски одржлива, лесна за издавање и препродажба. Малите станови, плацовите и монтажните куќи стануваат сè поважен дел од македонскиот пазар.

извор:nacionalno.mk