Инфлацијата во Македонија во јули се намали на 2,3%
Актуелно

Инфлацијата во Македонија во јули се намали на 2,3%

08. 08. 2026.

Годишната стапка на инфлација во Македонија во јули 2026 година изнесува 2,3 проценти, што претставува забавување во однос на јуни, кога инфлацијата достигна 3,4 проценти, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика.

Според објавените податоци, индексот на трошоците на животот во јули 2026 година, во споредба со истиот месец минатата година, е зголемен за 2,3 проценти, додека индексот на цените на мало бележи раст од 1,8 проценти.

На месечно ниво, односно во споредба со јуни 2026 година, трошоците на животот се зголемиле за 0,1 процент.

Најголем месечен раст на трошоците во јули е регистриран кај транспортот, каде што цените се зголемиле за 4,4 проценти. Следуваат рекреацијата, спортот и културата со раст од 2,6 проценти, домувањето, водата, електричната енергија, гасот и другите горива со 0,9 проценти, како и рестораните и услугите за сместување со раст од 0,7 проценти.

Зголемување од 0,3 проценти е забележано и кај услугите за образование, додека кај алкохолните пијалаци, тутунот и наркотиците растот изнесува 0,1 процент.

Од друга страна, дел од категориите бележат намалување на трошоците. Најголем пад има кај покуќнината, опремата за домаќинствата и редовното одржување на домаќинствата, каде што цените се намалиле за 1,4 проценти.

Храната и безалкохолните пијалаци поевтиниле за 1,1 процент, додека кај облеката и обувките е регистриран пад од 0,2 проценти. Намалување од 0,1 процент има и кај информациите и комуникациите, како и кај здравствената заштита.