– Кога амбиентниот воздух се приближува или ја надминува нормалната телесна температура од отприлика 36,7°С способноста на човековото тело да се лади слабее. Дополнително, кога релативната влажност на амбиенталниот воздух е висока, потта е уште потешко да испари и следствено и ладењето на телото се отежнува. Кога телото станува премногу жешко или има проблеми да ја балансира температурата, тоа може да доведе до чувство на слабост, сува уста, вртоглавица, гадење, прекумерно потење, сува кожа, грчеви. При влошување на т.н. „сончаница“ може да се појават и следните симптоми и знаци престанок на потење, екстремно топла кожа, конфузија – зашеметеност, забрзана срцева фреквенција, отежнато дишење, несвестица и сѐ до смртен исход – наведуваат од ИЈЗ.
Од Институтот постетуваат на препораките за заштита од топлото време.
Доколку лицето е во паркирано возило, се советува да го отвори прозорецот со цел да се овозможи вентилација.
– Целосно затворените возила стануваат многу жешки. Не оставајте никого во возилото. Туширајте се со млака вода по потреба. За дополнително разладување, ставајте ладни облоги или потопете ги стапалата во ладна вода. Лицата со хронични болести, особено оние со болести на кардиоваскуларниот систем, невролошките и белодробните болести, потребно е да бидат посебно дисциплинирани по однос на овие препораки и да ја земаат својата редовна терапија. За сите промени во здравствената состојба, задолжително да го консултираат својот матичен лекар – потсетуваат од ИЈЗ.
Од ИЈЗ се осврнаа и на тоа што да се прави, доколку лицето не се чувствува добро.
– Ако чувствувате зашеметеност, слабост, вознемиреност или имате интензивна жед и главоболка, побарајте помош, преселете се во постудено место колку што е можно побрзо и измерете ја својата телесна температура. Консумирајте вода или негазиран минерален пијалак за да се рехидрирате. Ако имате болен мускулен грч, најчесто во нозете, рацете и стомакот, веднаш одморете се на студено место и консумирајте течност која содржи електролити. Лекарска помош е потребна ако топлотните грчеви траат подолго од еден час. Ако некој член од вашето семејство, или лице на кое помагате, има топла и сува кожа, грчеви и – или е во бессознание, веднаш повикајте 194 или 112 – додека се чека итната медицинска помош префрлете го на студено место и ставете го во хоризонтална положба, и подигнете ги нозете над 20 сантиметри висина – додаваат оттаму.
Надлежните алармираат да се почитуваат мерките.
– Отстранете ја гардеробата, воспоставете надворешно ладење, како студени облоги на вратот, пазувите и слабините, постојано ладете го и прскајте ја кожата со вода. Не давајте терапија. Ако лицето е во бессознание, поставете го во бочна положба. Консултирајте се со својот доктор во случај ако почуствувате невообичаени симптоми – знаци, или ако истите траат подолго – се дел од советите на Институтот.
Извор:nezavisen.mk
