Онлајн купувањето во Македонија расте: Е-трансакциите надминаа 265 милиони евра во првиот квартал
Актуелно

Онлајн купувањето во Македонија расте: Е-трансакциите надминаа 265 милиони евра во првиот квартал

15. 07. 2026.

Онлајн купувањето во Македонија продолжува да бележи значителен раст, а граѓаните и компаниите сè повеќе ги користат дигиталните канали за трговија. Според најновите податоци на Народната банка на Република Северна Македонија за трансакции на продажни места за е-трговија, во првиот квартал од 2026 година вкупната вредност на онлајн трансакциите достигнала 16,35 милијарди денари, односно околу 265,95 милиони евра.

Ова претставува зголемување од 18,1 отсто во споредба со истиот период минатата година. Во податоците се вклучени купувањата на македонските граѓани кај домашни и странски е-продавници, но и трансакциите на странски купувачи кај македонски онлајн трговци.

Кон домашните е-продавници во првите три месеци од годината биле реализирани трансакции во вредност од 9,6 милијарди денари, или 156,24 милиони евра, што е раст од 16,5 проценти на годишно ниво, објави 4news.mk

Од оваа сума, домашните корисници на платежни картички потрошиле 8,61 милијарда денари, односно 140,12 милиони евра, што претставува зголемување од 15 проценти. Во исто време, странските купувачи кај македонските е-трговци реализирале трансакции вредни 991,37 милиони денари или 16,2 милиони евра – раст од 32,5 проценти.

Податоците покажуваат дека македонските онлајн продавници сè повеќе успеваат да привлечат купувачи од странство.

Од друга страна, македонските граѓани продолжуваат активно да купуваат и од странски веб-продавници. Во првиот квартал тие реализирале онлајн набавки во вредност од 6,74 милијарди денари, односно 109,71 милиони евра, што е раст од 20,3 проценти во однос на лани.

Расте и бројот на онлајн купувања

Покрај зголемената вредност, расте и бројот на реализирани дигитални трансакции. Во првото тримесечје од 2026 година биле направени 7,66 милиони онлајн купувања, што претставува раст од 16,4 проценти.

Кај македонските е-продавници бројот на трансакции достигнал 3,96 милиони, што е зголемување од 17,5 проценти.

Најголем раст е забележан кај странските корисници на платежни картички кои купуваат од домашни онлајн продавници. Бројот на нивните трансакции е зголемен за 44,4 проценти, што според анализите е показател за зголемената конкурентност на македонските компании на странските пазари.

Во исто време, домашните корисници кон странски е-продавници реализирале 3,27 милиони трансакции, што е раст од 12,2 проценти.

 

Извор:4news.mk