Нов удар за патниците: Поскапеа меѓуградските автобуски билети
Актуелно

Нов удар за патниците: Поскапеа меѓуградските автобуски билети

02. 09. 2026.

Граѓаните кои секојдневно патуваат меѓу градовите во земјава ќе треба да одвојуваат повеќе пари за превоз. Цените на дел од меѓуградските автобуски линии се зголемија по поскапувањето на нафтените деривати.

На релацијата Тетово–Скопје, билетот во еден правец сега чини 250 денари, што е за 50 денари повеќе од досегашните 200 денари. За повратен билет потребно е да се издвојат 500 денари.

Поскапе и превозот на линијата Куманово–Скопје. Еднонасочниот билет е зголемен од 170 на 200 денари, додека повратниот билет чини 400 денари.

За оние кои секојдневно патуваат до Скопје поради работа, ова значи значително поголем месечен трошок.

Така, лице од Тетово кое работи во Скопје и прима минимална плата од околу 26.000 денари, доколку патува со автобус секој работен ден во текот на 22 работни дена, би потрошило околу 11.000 денари месечно само за превоз. Тоа е околу 42 отсто од неговата плата.

За работник или студент кој патува од Куманово, месечниот трошок за превоз би достигнал околу 8.800 денари, односно приближно 33 отсто од минималната плата.

Зголемувањето на цените веќе предизвикува реакции кај граѓаните, особено кај студентите и оние кои секојдневно патуваат до Скопје за работа или образование.

Од Министерството за економија и труд објаснуваат дека во услови на пазарна економија цените се определуваат слободно на пазарот. Оттаму посочуваат дека во моментов нема законска основа со која би можело да се ограничи нивното зголемување.

Од приватните превозници засега нема официјално соопштение со кое подетално би ги образложиле причините за новите цени.

За граѓаните кои секојдневно зависат од меѓуградскиот превоз, сепак, последицата е јасна – повисок трошок секој месец, особено за оние кои одат на работа или на факултет во друг град.