Инфлацијата во ЕУ се зголемува, како тоа ќе влијае на Македонија?
Актуелно

Инфлацијата во ЕУ се зголемува, како тоа ќе влијае на Македонија?

01. 04. 2026.

Инфлацијата во ЕУ повторно се врати во фокусот на економската дебата, но најсилниот сигнал деновиве доаѓа од еврозоната, каде што мартовската брза проценка на Евростат покажа скок на годишната инфлација на 2,5 отсто, од 1,9 отсто во февруари, најмногу поради енергијата, чиј годишен раст се сврте на 4,9 отсто.

Последните официјални бројки за целата Европска Унија, пак, покажуваат 2,1 отсто во февруари. Тоа значи дека ценовниот притисок во Европа не исчезнува, туку повторно се враќа токму преку каналот што најбрзо се прелева и кај нас, горивата, транспортот и увозните трошоци.

За Македонија ова не е туѓа статистика. Домашната инфлација во февруари изнесуваше 2,9 отсто на годишно ниво, а 0,2 отсто на месечно, додека Државниот завод за статистика покажува дека само во јануари 2026 земјите од ЕУ учествувале со 57,1 отсто во вкупната трговија на земјата. Дополнително, Народната банка со години предупредува дека економијата е екстремно отворена, со трговска отвореност од околу 140 отсто од БДП, што значи дека секој посилен ценовен шок однадвор кај нас побрзо се чувствува отколку во помалку зависни економии. Затоа први на удар би биле горивата, транспортот, дел од храната и индустриите што зависат од увозни суровини и енергија.

Вториот канал е преку каматите и курсната стабилност. ЕЦБ на 19 март ги задржа каматните стапки непроменети, со депозитна стапка од 2,00 отсто, но по новиот инфлациски скок пазарите веќе вградуваат можност за нови зголемувања во 2026 година. Во Македонија, пак, Народната банка ја задржа внимателната монетарна поставеност, а нејзината основна стапка на благајнички записи останува 4,00 отсто, во услови кога денарот е врзан за еврото. Тоа практично значи дека ако европската инфлација потрае, и кај нас може подолго да останат повисоки трошоците за кредити и построгите финансиски услови за фирмите и домаќинствата.Третиот удар може да дојде преку побарувачката од Европа. Европскиот комесар Валдис Домбровскис веќе предупреди дека сегашниот енергетски шок носи ризик од стагфлација во ЕУ, со можен удар и врз растот и врз инфлацијата, а германските економски институти веќе ја намалија прогнозата за раст на Германија за 2026 на 0,6 отсто. За земја како Македонија, каде Германија е меѓу најважните трговски партнери, тоа значи дека поскапите енергенси не се единствена опасност: европската слабост може да удри и по нарачките, извозот и индустриското производство. Ако кризата се задржи, Македонија најпрво ќе ја почувствува преку поскапо секојдневие, а потоа и преку побавна економска активност.

Извор: racin.mk