Тајланд им дозволи на продавниците за алкохол да ги тестираат купувачите дали се премногу пијани
Актуелно

Тајланд им дозволи на продавниците за алкохол да ги тестираат купувачите дали се премногу пијани

01. 04. 2026.

Тајланд официјално усвои нови правила според кои продавачите на алкохол можат да ги тестираат купувачите дали се премногу пијани. Исто така, можат да одбијат да им продадат алкохол доколку проценат дека муштериите се во алкохолизирана состојба.

Министерството за здравство го објави правилникот во службениот владин весник, каде што се објавуваат нови закони и прописи, а мерките веќе стапија во сила.

Иако продажбата на алкохол на пијани лица одамна е забранета во Тајланд, сега првпат се воведуваат конкретни критериуми за утврдување на пијаноста. На продавачите им се дозволени три едноставни теста што можат да ги применуваат во продавници и барови: да побараат од купувачот со затворени очи да го допре врвот на носот, да оди неколку метри по права линија и потоа да се сврти и да стои 30 секунди на една нога, додека гласно ги брои секундите.

Доколку лицето не успее да ги изврши задачите, може да се смета за пијано и да не му се продаде алкохол.

Дополнителни знаци на алкохолна интоксикација се: мирис на алкохол, нестабилно одење, нејасен говор, црвени очи, нагли промени во расположението, агресија и намалена концентрација.

За угостителските објекти и продавачите, непочитувањето на овие правила може да резултира со високи казни.

Извор: fakulteti.mk