Експертски панел составен од лекари, академици, претставници на младите и родители наскоро треба да ги претстави своите препораки до Европската комисија за тоа како ЕУ треба да пристапи кон овој проблем.
Иницијативата за ограничување на пристапот на децата до социјалните мрежи веќе ја поддржаа неколку земји. Грција, Франција и Шпанија минатата година побараа построги правила, а притисокот врз Брисел се зголеми по одлуката на Австралија да воведе забрана за користење социјални мрежи за малолетници.
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, го задолжи панелот да изготви препораки засновани на научни докази. Таа претходно изрази поддршка за ограничување на пристапот на децата и најави дека можно е да има законски предлог за ова прашање.
Сепак, од Европската Унија велат дека сè уште се разгледуваат различни можности и дека конечна одлука не е донесена. Не е потврдено дали ќе се предложи целосна забрана или само ограничувања според возраста и ризиците што ги носат одредени платформи.
Фокус на зависноста и дизајнот на платформите
Покрај возраста на корисниците, ЕУ сè повеќе се насочува и кон функциите на самите апликации кои можат да создаваат зависност кај младите. Во последниот период Брисел побара од големите платформи, како Фејсбук, Инстаграм и ТикТок, да преземат мерки за отстранување на функции кои можат негативно да влијаат врз децата.
Според германските експерти, кои се дел од панелот, можно решение не би била целосна забрана, туку воведување минимална возраст за користење или ограничување на одредени функции и услуги.
Една од опциите е ЕУ да ги проценува платформите според ризикот што го претставуваат и да воведе посебни правила за оние со таканаречен „штетен дизајн“ – односно функции кои го поттикнуваат прекумерното користење.
Најголем предизвик за Унијата е да постигне заедничко решение за сите 27 земји-членки. Додека Шпанија предлага забрана за лица под 16 години, Франција размислува за ограничување за деца до 15 години. Од друга страна, некои држави, како Естонија, се противат на целосна забрана.
Дебатата продолжува, а ЕУ се обидува да најде баланс меѓу заштитата на децата и нивното право на пристап до дигиталниот свет.
