Иако неговата основна цел е да им помогне на вработените полесно да ги покријат трошоците за летен одмор, практиката во Македонија покажува дека голем број компании го чекаат последниот законски рок да го исплатат. Така, наместо во летните месеци, регресот најчесто легнува на сметките на работниците пред новогодишните празници. Годинава, минималниот износ на регресот за вработените во приватниот сектор изнесува 19.115 денари, што претставува 40 проценти од просечната нето-плата исплатена во последните три месеци. Работодавците можат да исплатат и повисок износ, доколку тоа го предвидува колективниот договор или нивните интерни акти. Во јавниот сектор, пак, регресот за годишен одмор изнесува 13.559 денари, односно 30 проценти од просечната нето-плата исплатена во претходната година.
Дел од компаниите веќе ја почнаа исплатата на К-15, а некои од нив и јавно се пофалија на социјалните мрежи дека вработените веќе ги добиле средствата. Сепак, искуството од изминатите години покажува дека не е правило тоа. Голем број работодавци ја одложуваат исплатата до крајот на годината, користејќи го законски дозволениот рок.
Според синдикатите, ваквата практика ја губи смислата на регресот за годишен одмор. Наместо со тие средства да ги покријат трошоците за летување, патување или за одмор со семејството, работниците ги добиваат неколку месеци подоцна, кога најчесто ги користат за покривање на зимските трошоци или за подготовка за новогодишните празници.
– Во компаниите каде што се склучени колективни договори, работниците имаат право на значително повисок регрес за годишен одмор од законскиот минимум. Во одредени случаи, К-15 ја достигнува висината на просечната нето-плата, односно околу 48.000 денари. Има и компании, особено во секторите каде што недостига работна сила, како што се дел од синџирите маркети, кои исплаќаат регрес повисок од 50.000 денари, со цел да ги задржат постојните вработени и да бидат поконкурентни на пазарот на трудот. Покрај тоа, дел од поуспешните компании, зависно од остварените деловни резултати и добивката, освен регрес за годишен одмор, исплаќаат и 13. плата или дополнителни годишни бонуси како награда за ангажманот на работниците – изјави за весникот ВЕЧЕР потпретседателот на Сојузот на синдикатите на Македонија, Иван Пешевски.
Законската регулатива го утврдува само минималниот износ на регресот за годишен одмор, но не и неговиот максимум. Тоа значи дека компаниите, доколку имаат финансиски можности и сакаат дополнително да ги мотивираат и задржат своите вработени, можат да исплатат значително повисоки износи. Во практиката веќе има фирми што исплаќаат К-15 од 80.000, па дури и 100.000 денари. Најчесто станува збор за успешни компании што остваруваат добри деловни резултати и преку повисоки примања се обидуваат да ги задржат квалитетните кадри во услови на сè поголем недостиг од работна сила.
– Законот предвидува можност компаниите што се соочуваат со економски тешкотии, работат со загуба или имаат блокирана сметка, во договор со синдикатот, да исплатат регрес за годишен одмор во износ понизок од законскиот минимум, кој вообичаено изнесува 40 проценти од просечната нето-плата во државата. Притоа, не е утврден долен лимит до кој може да се намали регресот, што практично значи дека доколку навистина не е во можност, компанијата може да не исплати К-15. Сепак, тоа не смее да биде начин за избегнување на законската обврска. Затоа е неопходна ефикасна контрола од надлежните институции за да не се случува фирми само формално да прикажуваат загуби или лоша финансиска состојба со цел да избегнат исплата на регресот за годишен одмор – појаснува Пешевски.
Регресот за годишен одмор (К-15) претставува парично право на работниците и согласно со Колективниот договор за приватниот сектор, треба да се исплати исклучиво во пари. Тој не може да се заменува со ваучери, производи, услуги или со каква било друга форма на надоместок.
Право на К-15 има секој работник што има најмалку шест месеци непрекинат работен стаж кај истиот работодавец во текот на календарската година.
Од Сојузот на синдикатите на Македонија апелираат работниците да не молчат доколку не им биде исплатен регресот за годишен одмор и да ги пријават работодавците што не ја почитуваат оваа законска обврска. Според ССМ, само преку редовни инспекциски контроли и пријавување на неправилностите може да се обезбедат доследна примена на законите и заштита на работничките права.
Од друга страна, работодавците како најчеста причина за доцнењето или за неизвршувањето на исплатата ги наведуваат проблемите со ликвидноста, финансиското планирање и сезонскиот карактер на работењето, поради што дел од компаниите го оставаат К-15 за исплата кон крајот на годината.
Сепак, непочитувањето на оваа обврска може скапо да ги чини работодавците. Работодавците од приватниот сектор што нема да им исплатат регрес за годишен одмор на своите вработени, можат да се соочат со прекршочни санкции, при што казните достигнуваат и до 4.000 евра, зависно од големината на компанијата и од видот на прекршокот.
