Не постои едноставен трик со кој сметката преку ноќ ќе се преполови. Сепак, комбинацијата од неколку промени во секојдневните навики може да донесе забележлива заштеда во текот на целата грејна сезона.
Почнете од уредите што трошат најмногу
Гасењето на светилките и вадењето на полначите од штекер има смисла, но многу поголемо влијание врз потрошувачката имаат уредите што работат подолго и со поголема моќност.
Тука пред сè спаѓаат греењето, бојлерот, машините за перење и сушење и електричниот шпорет. Токму затоа најголемиот простор за заштеда треба да се бара кај нив.
Не го прегревајте домот
Една од наједноставните промени е одржувањето умерена температура во просториите. Препораките за енергетска ефикасност најчесто упатуваат на температура од околу 20 степени во текот на зимата.
Кај клима-уредите важно е и редовното чистење на филтрите. Кога тие се полни со прашина и нечистотии, уредот мора да работи поинтензивно за да ја постигне саканата температура.
Според препораките за енергетска ефикасност, редовното одржување на филтрите може да придонесе за заштеда и до 15 проценти при греење и ладење.
Не дозволувајте топлината да излегува низ прозорците
Начинот на проветрување исто така може да направи разлика. Наместо прозорецот да остане подотворен долго време, поефикасно е тој целосно да се отвори неколку минути, а потоа повторно да се затвори.
Долготрајното проветрување може да ги излади ѕидовите и мебелот, по што системот за греење повторно троши енергија за да ја врати посакуваната температура.
Дополнително, треба да се проверат прозорците и вратите за места низ кои навлегува студен воздух. Според препораките на Регулаторната комисија за енергетика, затворањето на пукнатините и другите места каде што се губи топлина може да ги намали трошоците за греење и ладење до околу 10 проценти.
Искористете ја евтината тарифа
Времето во кое ги користиме поголемите потрошувачи може значително да влијае врз конечната сметка.
За домаќинствата во Македонија ниската тарифа важи од 13 до 15 часот и од 22 до 7 часот секој ден, како и непрекинато од сабота во 22 часот до понеделник во 7 часот.
Кога е возможно, машината за перење, машината за садови, бојлерот и другите поголеми потрошувачи може да се користат токму во овие периоди.
Не пуштајте полупразни машини
Заштеда може да се направи и со подобро планирање. Наместо машината за перење да работи за само неколку парчиња облека или машината за садови за неколку чинии, поисплатливо е да се почека додека не се собере соодветно количество.
Помал број циклуси во текот на месецот значи и помала вкупна потрошувачка на струја и вода.
Сличен принцип важи и во кујната. Кога е практично, подобро е рерната да се искористи за подготовка на поголемо количество храна, наместо повеќепати да се загрева за мали порции.
И фрижидерот треба да се отвора само колку што е потребно – секое подолго отворање внесува топол воздух, по што уредот повторно мора да работи за да ја намали температурата.
Не заборавајте на бојлерот
Бојлерот е уште еден значаен потрошувач во домаќинството. Со текот на времето на грејачот може да се наталожи бигор, поради што загревањето на водата трае подолго.
Редовното одржување и соодветното нагодување на температурата можат да помогнат уредот да работи поефикасно.
Малите промени се собираат
Гасењето на светилките во празните простории, исклучувањето на телевизорот кога никој не го гледа и избегнувањето непотребно оставање уреди во „стендбај“ режим сами по себе нема драматично да ја намалат сметката. Но кога ќе се комбинираат со правилно користење на греењето, бојлерот и останатите големи потрошувачи, ефектот станува поголем.
Поентата не е домот да биде студен за да се заштеди. Најголема разлика може да направи порационалното користење на електричната енергија – да се троши колку што е потребно и, кога е возможно, во периодите кога е поевтина.
