„Најголемиот интерес на учениците и на родителите моментално е за изучување на германскиот јазик. Дали причината за тоа е заминувањето во странство, во европските држави и побарувањето на германскиот јазик не знам, но кај мене има ученици кои изучуваат и француски јазик, но 90 % од учениците се на германски јазик“, рече Марина Ѓоргоска-директорка на ОУ Христо Узунов-Охрид.
„Кај нас се изучуваат англиски, германски, француски и италијански јазик. Но од страна на родителите во последно време се бара повеќе германскиот јазик. Незнам точно поради која причина родителите го сакаат германскиот јазик, меѓутоа во комуникација со родителите секогаш кажуваат дека нивните браќа или чичковци што се по Австрија, Германија или Швајцарија, полесно комуницираат со нивните фамилии“, рече Астрит Мерко-поранешен директор на ОУ Браќа Миладиновци-Струга.
Според законот, во петто одделение училиштата се должни да направат анкета меѓу учениците, кој јазик би сакале да го изучуваат.Има ситуации кога наставници кои предаваат француски јазик остануваат без часови.
„Јас имам пет паралелки, од кои 4 паралелки се формираа со германски јазик, а само една со француски јазик, од 17 ученици. Колешката ги изгуби тие четири паралелки или 8 часови и на местото нејзино е примена нова колешка по германски јазик, а колешката по француски јазик надополнува други изборни предмети“, рече Марина Ѓоргоска-директорка на ОУ Христо Узунов-Охрид .
Она што исто така загрижува е што продолжува трендот на испишување на ученици среде учебна година поради заминување во странство.Македонските училишта последните години драстично се празнат, ученици има се помалку, а во некои од селските средини, на учлилишните објекти им е ставен катанец на врата.
Извор: alsat.mk
