Ова го овозможува Законот за работно ангажирање на лица, кој се применува од 1 јануари 2026 година, а опфаќа ангажмани во земјоделството, шумарството, рибарството, угостителството, сместувачките капацитети и одредени работи во домаќинствата.
Кој може да заработува без да ги изгуби правата?
Пензионерите можат дополнително да заработуваат и да продолжат да ја примаат старосната или семејната пензија, со исклучок на корисниците на семејна пензија по основ на неспособност за работа и самостоен живот.
Студентите и учениците ги задржуваат правата од образованието, додека евидентираните невработени остануваат во евиденцијата на Агенцијата за вработување и го задржуваат паричниот надоместок, доколку веќе го оствариле тоа право.
Кои се условите за ангажман?
За да се искористи оваа можност, потребно е да бидат исполнети неколку услови:
-
Работата мора да припаѓа на дејностите опфатени со законот и да биде наведена во системот е-Работа.
-
Работодавачот мора да го пријави лицето пред почетокот на ангажманот.
-
Пред започнување со работа, лицето мора да биде информирано за работните задачи, времетраењето, висината на надоместокот и рокот на исплата.
-
За ангажманот се пресметуваат данок на личен доход, придонес за пензиско и инвалидско осигурување и дополнителен здравствен придонес за случај на повреда при работа.
-
Работодавачот може да користи сезонски и повремени ангажмани до 180 дена во календарската година, согласно законските ограничувања.
Заменик-министерот за економија и труд, Марјан Ристески, посочи дека досегашната примена на законот не ги дала очекуваните резултати и најави дополнителни информативни активности за граѓаните и работодавачите.
