На коридорите 8 и 10д во декември биле ангажирани 2.098 работници - работеле на 11 мостови, 10 натпатници и 4 потпатници
Актуелно

На коридорите 8 и 10д во декември биле ангажирани 2.098 работници - работеле на 11 мостови, 10 натпатници и 4 потпатници

24. 02. 2026.

Во изградбата на автопатите на коридорите 8 и 10д што ги гради американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“ во декември 2025 година биле ангажирани 2.098 работници како и 1.269 вкупна опрема, покажува Извештајот од надзорот за прогрес на работите за декември 2025 година, објавен на веб страницата на Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП).

Според Извештајот, во декември лани на изведувачот му се исплатени 1.180.803.394 денари.

На терен вршени се земјани работи на делниците Тетово-Гостивар, Гостивар-Букојчани и Прилеп- Битола. Работите опфаќаат расчистување на теренот, отстранување на хумус и ископ на неподобен материјал, ископ на материјал од усеците на трасата и обезбедување материјал за работите преку транспорт и насипување. На местата каде што е потребно преземени се мерки за заштита на косини. Заклучно со минатата година, изведени се над 5 милиони метри кубни ископ и 1.6 милиони метри кубни насип.

Во извештајот е наведено и дека во декември се работело на 11 мостови, 10 натпатници и четири потпатници.  Заклучно со крајот на  2025 година, изведени се 21.350 метри колови, а за конструкции се изведени 63.000 метри кубни бетонски работи.

Во текот на 2025 година на Конзорциумот „Бехтел и Енка“ исплатени се вкупно 147 милиони евра. За годинава планирани се 103 милиони евра.

Извор: skopjeinfo.mk