Луфтханза влегува на македонскиот авијациски пазар - Еве кога ќе биде првиот лет!

Луфтханза влегува на македонскиот авијациски пазар - Еве кога ќе биде првиот лет!

19. 12. 2022.

Луфтханза, влегува на македонскиот авијациски пазар со отпочнување летови на линијата Франкфурт – Скопје од 23 април 2023 година, соопшти ТАВ Македонија.

Како што велат од ТАВ Македонија Луфтханза ќе ги поврзе македонскиот главен град со главниот аеродром во Франкфурт нудејќи летови од Меѓународниот Аеродром Скопје секој ден во неделата, а во некои денови ќе лета по два лета неделно, со авиони од видот: ербас A319, ербас A320 и ербас A321.

- Среќни сме што Луфтханза одлучи да влезе на македонскиот пазар, со отпочнување на летови на релација Франкфурт – Скопје. Ова значи дека Меѓународниот Аеродром Скопје од април следната година ќе биде поврзан со аеродромот во Франкфурт, кој е главното германско авијациско седиште и еден од најважните трансфер-аеродроми во Европа. Дополнително, високата честота на летовите – авиокомпанијата ќе лета секој ден во неделата, а во некои денови и по два пати дневно, дава одлична флексибилност за нашите патници кои патуваат за Германија и оние што се поврзуваат со Европа и Северна Америка. Оваа нова конекција е особено важна за патниците кои патуваат за бизнис-цели и ќе понуди нови опции за авионскиот карго-превоз кон Германија, која е главен трговски партнер на Северна Македонија, се нагласува во соопштението од ТАВ Македонија.

Како што велат од Луфтханза, летовите на релација Франкфурт-Скопје се планирани да бидат привлечни и за деловните патници и за туристите.

Продажбата на авиобилетите е веќе почната. Сите информации за цени и резервации на авионските карти се достапни на веб-страницата на Луфтханза: https://www.lufthansa.com/, како и кај лиценцираните туристички агенции кои вршат продажба на авиобилети.