Судот изрази сомнеж дека со ваквата одредба се прави неоснована разлика меѓу децата на македонските државјани врз основа на местото на нивното раѓање, што директно го загрозува уставното начело на еднаквост.
Според правното мислење на Судот, детето чии родители се државјани на Република Северна Македонија стекнува државјанство по потекло и затоа мора да ги ужива сите права еднакво со останатите граѓани, без разлика дали е родено во земјата или во странство.
Во образложението се наведува дека местото на раѓање не смее да биде критериум за ограничување на правата, бидејќи раѓањето надвор од државата може да биде резултат на слободното движење на граѓаните или на непредвидени околности, а не само на намера за трајно иселување.
Судот смета дека со фаворизирање на децата родени во државата, законодавецот ги става во понеповолна положба оние родени во странство без легитимно оправдување.
Истовремено, на истата седница, Судот ја отфрли иницијативата за оценување на уставноста на измените во Законот за пензиското и инвалидското осигурување, со образложение дека за ова прашање веќе постои претходна одлука.
